Градиме 260 км автопати. Градиме 300 км експресни патишта. Градиме 900 км локални патишта. Рехабилитираме повеќе од 1.500 км постоечки патни правци.
Ова се дел од предизборните ветувања кои ги кажа лидерот на СДСМ на централната прес-конференција во Кавадарци во рамки на денешната кампања за предвремените парламентарни избори.
Гас до домовите и компаниите за почист воздух и пониски сметки за енергија, нови водоводи и пречистителни станици, како и модерен Клинички центар во Скопје, се останатите ветувања со кои тој го побара гласот од граѓаните на изборите на 15 јули.
Тој се осврна и на инвестициите од изминатите три години, но и на грешките на ВМРО-ДПМНЕ.

„Го решивме проблемот со автопатот Кичево-Охрид и обезбедивме дополнителни финансиски средства за реализација на проектот. Ги решивме наследените проблеми, го завршивме и го пуштивме во употреба автопатот Миладиновци – Штип. Градиме и експресен пат Штип – Радовиш кој треба да биде готов во 2022 година“,
рече Заев.
За експресниот пат од Штип до Крупиште рече дека е готов и ќе се пушти за десетина дена, додека за помалку од една година ќе се заврши и втората фаза од Крупиште до Кочани.
„Првпат по повеќе децении, инвестираме и во колекторскиот систем во Охрид, за да си го зачуваме драгоценото Охридско езеро. Важна ни е природата, важна ни е животната средина и затоа сме посветени на гасификација на државата, за да имаме почист воздух и здрава животна средина. Во 2019 и 2020 година, и во услови на корона криза, заврши 80 % од примарната и секундарната гасификација, проект кој се одолговлекуваше речиси 20 години. Влегуваме во завршницата на реализацијата на гасоводните магистрали, и продолжуваме додека не донесеме гас во секој дом“,
рече Заев.
Тој од Кавадарци ги коментираше и вчерашните изјави на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, за затворање на германската фабрика „Дрекселмаер“ и за проблемите околу изградбата на патот Градско-Прилеп, па порача дека поради таквите манипулации, ќе останат во опозиција за да си ја обноват партијата.