„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, Јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“, соопштија попладнево од ОЈО Скопје
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека по допрен глас ќе ги проверува информациите за енормно загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче.

Во рамки на предметот, јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и надлежните инспекциски служби за да се извршат проверките во однос на потеклото на депонијата и можните последици од неа.
„Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, Јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“,
соопштија денеска од ОЈО Скопје.
Депонијата се наоѓа на околу 30 километри од изворот Рашче, од кој Скопје се снабдува со вода.
Од опозицискиот СДСМ вчера обвинија дека во заштитеното еколошко подрачје на Рашче тлее нова еколошка катастрофа од која под закана се доведува изворот кој го снабдува главниот град со вода. Оттаму прашаа кој го дозволува ваквиот еколошки геноцид и кој гарантира дека водата за пиење во Скопје е безбедна.
Осврнувајќи се на ваквите обвинувања, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска на прес-конференција ги отфрли како лажни наводите дека постои опасност за контаминација на водата во градскиот водовод од депонијата која, како што рече, на ова место постои изминатите 30 години.
„Депонијата денеска се чисти од страна на службите, но никој не спомна дека таа депонија таму се наоѓа 30 години“,
рече Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.
