„И додека неспособните кадри на Филипче, ДУИ и Таравари бегаат од одговорност, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интервенираше за граѓаните во Гостивар да добијат техничка вода и флаширана вода за пиење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче и Рената Младеновска со години молчеле и не презеле никаков чекор иако знаеле за загадената вода во Гостивар.
Повторија дека имало над 400 извештаи дека водата е загадена.
„Над 400 извештаи за загадена вода им биле доставени, а Филипче и Младеновска со години молчеле. Денес наместо одговорност Филипче се обидува да глуми морален авторитет и да префрлува вина. Гостиварци заслужуваат да знаат зошто Филипче ја имал документацијата за загадената вода, знаел и одлучил да молчи и да не преземе ниту еден конкретен чекор“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Посочуваат дека Владата обезбедила техничка вода и пакувана вода за пиење за потребите на гостиварци.
„И додека неспособните кадри на Филипче, ДУИ и Таравари бегаат од одговорност, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ интервенираше за граѓаните во Гостивар да добијат техничка вода и флаширана вода за пиење. Додека институциите се справуваат со актуелната состојба во Гостивар, мора да се расчисти и со минатото. ЈО да отвори случај и да ги истражи документите што беа споделени во јавноста. Здравјето на граѓаните во Гостивар не смее да биде предмет на политички игри. Одговорност мора да има за секој што знаел, а молчел“,
велат од партијата.
Претходно денеска од СДСМ соопштија дека веќе пет недели граѓаните на Гостивар се трујат бидејќи водата не е безбедна за пиење. Како што велат оттаму, отруена е и болницата, пациентите се префрлени во друг град, има епидемија на жолтица, а нема лекари и медицински техничари. Посочуваат дека во овие пет недели премиерот Христијан Мицкоски не се појавил ниту еднаш во Гостивар, туку заминал на одмор.
