Лажните пораки наводно пристигнуваат од „оддел за моторни возила“ како известување од системот „Безбеден град“ и во нив е наведен лажен линк преку кој граѓаните се пренасочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок

Да не се отвораат лажни пораки што наводно се испратени од системот „Безбеден град“ и да не се споделуваат лични податоци. Ваков апел до граѓаните денеска упати Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР велат дека изминатиов период е забележана појава на фишинг-напади преку лажни СМС-пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од „оддел за моторни возила“ како известување од системот „Безбеден град“ и во нив е наведен лажен линк преку кој граѓаните се пренасочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“,
велат од МВР.
Оттаму нагласуваат дека СМС-известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач „MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да биде содржана регистарската ознака од возилото што направило прекршок и линк од следниот формат: “https://safecountry.mvr.gov.mk…”.
