Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок, велат од Здравство
Претходно денеска од Левица кажаа дека единствениот државен апарат од кој зависи процената дали малигното заболување се проширило и дали терапијата воопшто дејствува, со месеци е надвор од функција

Застојот во работењето на единствениот државен ПЕТ/КТ-скенерот е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот, соопшти денеска Министерството за здравство. Појаснувањето доаѓа откако пациенти со канцер се пожалија дека долго чекаат за преглед и дека услугите ги плаќаат по приватни болници, но и по партиските реакции.
Од Здравство велат дека се работи на дефектот, но нема точен датум кога би профункционирал ПЕТ-скенерот.
„Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок“,
велат оттаму.
Ресорното министерство обвинува дека проблемот настанал поради долгогодишно занемарување, односно, во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години.
„Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин“,
велат од Здравство.

Претходно денеска од Левица кажаа дека единствениот државен апарат од кој зависи процената дали малигното заболување се проширило и дали терапијата воопшто дејствува со месеци е надвор од функција.
„Сашо Клековски не може денес да се преправа дека ризикот паднал од небо. Уште во февруари 2026 година јавно кажуваше дека ПЕТ-центарот е клучна алка за следење на ефикасноста на онколошката терапија и најавуваше дека ќе се работи на обезбедување втор ПЕТ-скенер, со цел капацитетот да се искачи на 5.500-6.000 снимања годишно. Ветуваше втор, а си замина со нефункционален прв апарат“,
се вели во реакцијата од Левица.
