Во видеото, додаваат од ДУИ, не се застапени Охридскиот рамковен договор, зачленувањето на земјата во НАТО, ниту, пак, Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја критикува Владата во врска со промотивното видео за одбележување на 35-годишнината од независноста на државата, обвинувајќи дека прикажува исклучиво македонска верзија на историјата.
Според партијата, видеото е изработено само на македонски јазик и во него учествуваат исклучиво македонски уметници, додека Албанците практично ги нема во приказната.
„Овој спот, всушност, е најточната фотографија на оваа влада: влада на исклучување. Албанците можеби ги има на списокот на министри, но ги нема во приказната на државата. Ги има како имиња и бројки како декор, но не и како присуство, влијание и фактор во носењето одлуки“,
се наведува во соопштението од ДУИ.
Оттаму имаат и други забелешки за содржината на спотот. Велат дека како една од централните фигури во спотот се појавува Игор Дурловски, име за кое велат дека е директно поврзано со настаните од 27 април 2017 година, кога толпа насилно влезе во Собранието по изборот на првиот претседател Албанец на Законодавниот дом.
Во видеото, додаваат од ДУИ, не се застапени Охридскиот рамковен договор, зачленувањето на земјата во НАТО, ниту, пак, Првата меѓувладина конференција со Европската Унија и отворањето на процесот на преговори.
„Избришани се токму историските моменти што ја трансформираа државата од етнички проект во заедничка држава, што ја закотвија во НАТО и што го отворија патот кон Европската Унија. По две години систематско демонтирање на механизмите на Охридскиот договор, сега се прави обид да се демонтира и сеќавањето на него“,
велат од ДУИ.
Опозициската партија оценува дека Владата нуди визија во која Албанците се невидливи, а упатуваат и критики до партијата Влен, која е дел од владејачката коалиција.
„35-годишнината од независноста требаше да биде момент да се покаже каква држава изградивме заедно и каде сакаме да ја однесеме“,
се додава во соопштението од Демократската унија за интеграција.
Инаку, во неделата со настан на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, Владата соопшти дека започнува музичко-сценскиот спектакл по повод 35 години независност на земјава.
По Охрид, настанот под името „Силно светнал ден“, го продолжува своето патување низ Македонија со предвидени настапи во единаесет градови.
Премиерот Христијан Мицкоски сподели видео во кое се издвоени најзначајните моменти и личности во независна Македонија.
