Во пресрет на Денот на независноста, музичкиот караван ќе гостува во вкупно 11 градови низ Македонија

Со вечерашниот настан на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, Владата соопшти дека започнува музичко-сценскиот спектакл по повод 35 години од независноста на земјава.
Во Охрид ќе настапи Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи, кои, како што велат организаторите, ќе ја раскажат приказната за Македонија низ музика, театар, поезија и современ сценски израз.
Програмата на стадионот „Билјанини Извори“ започнува во 19:30 часот со DJ сет, а официјалниот музичко-сценски спектакл започнува во 20:30 часот. Влезот е слободен.
По Охрид, настанот под името „Силно светнал ден“, го продолжува своето патување низ Македонија со предвидени настапи во единаесет градови.
За први септември најавен е настап на шпанскиот тенор Хозе Карерас и домашн иизведувачи на скопскиот централен плоштад, а за 16 август се очекува во Струмица да настапат и легендите на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд.
Настанот треба да кулминира на 8 септември со концертот на Дејвид Гета. Трошокот за одбележувањето на 35 – годишнината не е познат, а од Влада претходно рекоа дека тоа ќе го обелоденат по објавувањето на сите настани.
Инаку, по повод 35 години независност, и премиерот Христијан Мицкоски сподели видео во кое се издвоени најзначајните моменти и личности во независна Македонија.
