Искрено очекувам дека до крајот на денов ќе успееме да се справиме со овој сериозен предизвик, бидејќи во функција се ставени сите служби, вели градоначалникот на Крива Паланка

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во видео обраќање на Фејсбук соопшти дека повеќе од 15 часа гори депонијата за комунален отпад која се наоѓа во непосредна близина на општината.
Пожарот бил регистриран вчера околу 18 часот, а Митовски вели дека е во посериозен и поголем обем.
„Во текот на ноќта, односно повеќе од петнаесет часови тука активно се случеа од противпожарната единица од Крива Паланка, вработени во јавното претпријатие ‘Комуналец’, на помош ни дојдоа и од нашата соседна општина Ранковце, самоиницијативно се вклучија и неколку компании во акцијата. Она што можам да го кажам е дека пожарот е од малку поголем и посериозен обем и покрај гаснењето со вода, потребно е и поголема количина на земјен материјал“,
рече Митовски
Тој апелира населението да има разбирање за непријатната миризба и чадот кој се шири.
„Искрено очекувам дека до крајот на денов ќе успееме да се справиме со овој сериозен предизвик, бидејќи во функција се ставени сите служби“,
вели Митовски и освен на службите се заблагодари и на доброволците.
Тој вели дека за секоја нова ситуација благовремено ќе извести.
Инаку, според пресекот на Центарот за управување со кризи, до 13 часот, сè уште е активен пожарот во Крива Паланка, регистриран на излезот од градот, на локација која претставува депонија.
