Сега засега пожарот е под контрола, вон опасност се објектите во населено место Чифлик, вели во изјава за „360 степени“ градоначалникот Мицевски

Голем пожар попладнево избувна на територијата на Општина Сопиште, зад Водно, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Тој посочи дека Дирекцијата ќе интервенира и од воздух.
„Три ‘ертрактори’ се подготвуваат за полетување кон пожарот на територијата на Општина Сопиште, зад Водно“,
кажа Ангелов.

Градоначалникот на Сопиште, Јане Мицевски, во изјава за „360 степени“ вели дека пожарот, кој избувнал над самото село Чифлик засега е под контрола, благодарение на интервенцијата на скопската противпожарна бригада, ДЗС, како и доброволното друштво и месното население. Населението е вон опасност, а направен е коридор за да се спаси шумата на Водно.
„Пожарот сега засега е под контрола, вон опасност се објектите во населено место Чифлик. Останува мал активен дел надвор од селото во правец према Водно. Опколен е, меѓутоа пристап немаме бидејќи се работи за длабок, стрмен терен, очекуваме интервенција од воздух со ‘ертракторите’“,
вели Мицевски.

На терен интервенираат и четири пинцгауери.
