Потегот на Уставен доаѓа откако претходно утврдил дека треба да се повтори граѓанската парница за новинарката Наташа Стојановска за случајот „27 април“, но Основниот граѓански суд го отфрлил барањето на подносителката
Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат, велат оттаму

Уставниот суд соопшти дека го известил Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил неговата одлука.
Имено, Уставниот суд утврдил повреда на слободите и правата на Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.6.2022 и втората од Апелацискиот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката за повторување на постапката.
„На 22 мај 2026 година полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски, го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП. бр. 8/2025 не е извршена (не е земена предвид) бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд е отфрлен. По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучија да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот не е извршена. Уставниот суд утврди дека првостепениот (Основниот граѓански) суд се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основа за повторување на постапката како нов факт или доказ, но пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност, со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.“,
образложуваат од Судот.
Од Уставниот суд велат дека за првпат од своето постоење го применуваат овој механизам за извршување за одлуките, кој им овозможува заштита на сопствените одлуки. Наведуваат и дека случаите, како тој на Стојановска, треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот. Дополнуваат и дека во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено практика да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.
„Оттука, Уставниот суд оцени Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако тие биле утврдени со Одлуката БЗСП. бр. 8/2025 на Уставниот суд. Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривичноправни санкции во случај кога не се извршуваат. Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд“,
се вели во соопштението на Уставен суд.
Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.
