Ако ова е порака дека секој кој мисли различно и ја говори вистината ќе биде замолчен и со него физички ќе се пресметаат, упатувам јасна порака – нема да им успее, кажа Филипче од Ново Село
СДСМ тврди дека вчера, за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски, во Ново Село биле нападнати нивни млади активисти, за кои велат дека мирно протестирале со порака поврзана со состојбата во Гостивар

Не смее да се премолчи синоќешниот инцидент, каде, благодарение на организираната криминална група на Христијан Мицкоски, беа нападнати млади деца, кажа попладнево лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од Ново Село.
Оттаму побара итна истрага на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството и обвини дека власта тргнала физички да се пресметува со младите активисти од неговата партија.
„Беа нападнати млади деца кои ја говореа вистината – дека водата во Гостивар и во пола држава е загадена и не е за пиење. И кога веќе медиумскиот линч на организираната криминална група не помага, тие физички се пресметаа со децата на Ново Село, децата на Македонија, коишто единствено што правеа е тоа што ја говореа вистината“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ побара надлежните органи да ги идентификуваат напаѓачите.
„Беа активисти на ВМРО, беа блиски на Христијан Мицкоски. Тие луѓе посегнаа физички да се пресметаат со младите деца. Упатувам порака, децата не се сами, не беа сами ни синоќа, не се сами ни денеска, нема да бидат сами ниту утре. Ова е знак дека власта е исплашена. Исплашена е заради тоа што излегува вистината за загадената вода, за економијата, за Европа, за тоа дека сме слепо црево на Европа. Доаѓа време на правда и вистина. Ќе одговараат за сите криминали, а најмногу за тоа што посегнаа по децата“,
вели Филипче.
Тој вели дека власта нема да ги замолчи.
„Ако ова е порака дека секој кој мисли различно и ја говори вистината ќе биде замолчен и со него физички ќе се пресметаат, упатувам јасна порака – нема да им успее, доаѓа време на вистина и правда“,
порача Филипче.
СДСМ вчера соопшти дека за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски во Ново Село биле нападнати нивни млади активисти, за кои велат дека мирно протестирале со порака поврзана со состојбата во Гостивар.
Оттаму тврдат дека меѓу луѓето што се заканувале и ги нападнале младите, бил и возачот на градоначалникот на Ново Село, Наско Димитриев.
