Сирените за воздушна опасност беа активни повеќе од еден час додека бранови од балистички ракети го погодуваа градот и неговата периферија. Воената администрација на Киев соопшти дека гранатирањето оштетило станбени згради и магацини

Русија ја нападна Украина со балистички ракети и дронови, при што загинаа 14 лица, а најмалку 22 беа повредени во еден од најсмртоносните удари на Киев оваа година, јави Би-Би-Си.
За време на нападот, што започна по полноќ, шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека непријателот повторно масовно го напаѓа киевскиот регион.
Сирените за воздушна опасност беа активни повеќе од еден час додека бранови од балистички ракети го погодуваа градот и неговата периферија. Воената администрација на Киев соопшти дека гранатирањето оштетило станбени згради и магацини.
Руското министерство за одбрана соопшти дека погодило логистички центри и центри за снабдување во Киев и околината.
„Овие центри беа вмешани во складирање и испорака на разни видови оружје и воена опрема, како и во производство и дистрибуција на беспилотни летала“,
соопштија оттаму.
Руското министерство наведе дека погодиле и три карго бродови што превезувале оружје и воена опрема во близина на црноморското пристаниште Одеса.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека постои страв дека има луѓе заглавени под урнатините по ударите врз центарот на градот.
Тој на Телеграм истакна дека четворица од повредените се во тешка состојба.
„Непријателот повторно намерно удира врз цивили и цивилна инфраструктура“,
соопшти воената администрација на Киев.
Russia's overnight missile and drone attack on the Kyiv region killed 14 people and injured 27. pic.twitter.com/bQhiec1YY4
— Clash Report (@clashreport) August 5, 2026
Русија ги интензивираше нападите врз Киев во последните недели, додека Украина исто така ги зголеми своите напади врз руската цивилна инфраструктура, вклучувајќи ги и енергетските објекти.
Украина, исто така, повеќепати целеше магацини на руски компании. При еден од нападите пет лица загинаа, а десет беа ранети во московскиот регион во вторникот наутро.
Претходниот ден, руските власти соопштија дека седум лица загинале, а 58 биле повредени во напад со дрон врз преполна плажа во јужниот регион Краснодар, пред очите на туристите.
Украина, во меѓувреме, изрази огорченост поради видеото на кое се гледа како дрон брка човек во Херсон, нарекувајќи го тоа намерна потера и сафари насочено кон цивилите.
Обете страни негираа дека намерно целат врз цивили.
Украина побара од сојузниците повеќе пресретнувачи за ракетниот систем „Патриот“ од американско производство, за да се одбрани од руските балистички напади.
