Од средби со руски дипломати до поддршка за Украинската православна црква лојална на Москва, а не онаа признатата од Вселенската патријаршија – што ја турка Македонската паравославна црква на Исток, а не на Запад
Во исто време, Македонија е на списокот на непријатели на Москва, заедно со членките на ЕУ и НАТО, откако Русија изврши инвазија на Украина во 2022 година. Со исклучок на партиите на Србите и Левица, македонските политичари редовно избегнуваат дури и протоколарни настани организирани од Русија

12 јуни за поголем дел од светот е само обичен ден. Но, за официјална Москва, тоа е Денот на Русија – датумот на кој во 1990 година земјата прогласи независност.
По тој повод, Амбасадата на Русија во Скопје редовно организира прием. На годинешниот, на 15 јуни, македонската световна влада ја претставуваше само вицепремиерот Иван Стоилковиќ. Но, затоа, во име на црковната беа присутни поглаварот, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан и митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
Само три дена подоцна, на 18 јуни, амбасадорот на Русија, Дмитриј Зиков, беше гостин, а архиепископот Стефан домаќин. Руската амбасада соопшти дека на средбата меѓу политичкиот претставник на Русија и поглаварот на православните христијани во земјава било разговарано за духовната соработка и традиционално пријателските односи меѓу Руската православна црква (РПЦ) и МПЦ-ОА.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
Меѓу најновите контакти на претставници на МПЦ-ОА со рускиот амбасадор Зиков е неговата посета на манастирот „Свети Наум“ на брегот на Охридското Езеро. За неа информира руската амбасада, која на Фејсбук објави фотографија на која до Зиков е митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј. Според објавата, средбата се одржала на 4 август.
„Шефот на руската дипломатска мисија им подари на свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија 49 тома од Православната енциклопедија како подарок од Балканскиот кабинет на Московската теолошка академија. Посетата уште еднаш ја потврди силата на духовните врски што ги поврзуваат црквите и народите на нашите земји“,
пишува во објавата.

Фото: Фејсбук-профил на Амбасадата на Русија
(Не)пријатели
Контактите на Македонска православна црква – Охридска архиепископија со амбасадор на Русија се случуваат во време кога односите меѓу Скопје и Москва се на историски најниско ниво. Како членка на НАТО, Северна Македонија застана зад одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина при руската инвазија во февруари 2022 година. Земјава донира и значителен дел од своето старо, советско оружје, за потребите на украинската армија.
Ваквата поставеност ја смести Македонија на листата непријателски земји за Москва, заедно со речиси целиот западен свет. Од тој момент, во повеќе наврати, Македонија протера вкупно 11 руски дипломати. Таа статистика ги вклучува и тројцата протерани дипломати во септември 2023 година, кога македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека тие презеле активности во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Речиси истовремено за непожелен во земјава беше прогласен и шефот на руското црковно предворје во Софија, Васијан Змеев, кој беше чест гостин во седиштето на МПЦ-ОА. За негова заслуга се смета застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Фото: Принтскрин (видео: „Агент за влијание во Скопје“ на Советот за етика во медиумите)
Имајќи ги предвид тензичните политички односи на релација Скопје – Москва и истовремено срдечните меѓу МПЦ-ОА и Русија и Руската православна црква, „360 степени“ упати прашања до Македонската парвославна црква – каква порака се испраќа со зачестените средби со руски државни и црковни претставници и која е, всушност, нивната конкретна цел?
„Станува збор за две среќавања, но за една средба помеѓу Неговото Блаженство Aрхиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и амбасадорот на Руската Федерација, Неговата Eкселенција г. Дмитриј Зиков. Средбата од 18 јуни 2026 г. остварена во кабинетот на Блаженејшиот може да се смета како официјална, додека втората, од 15 јуни 2026 г., како што и самите знаете, беше протоколарно среќавање на настан организиран од страна на Руската амбасада по повод Денот на Руската Федерација, каде меѓу останатите гости, присутен беше и Архиепископот придружуван од еден митрополит. За двата настани јавноста беше информирана. Но, не секоја средба подразбира испраќање на порака. Синодот настојува да постапува транспарентно и секогаш кога постои потреба од упатување порака до јавноста, тоа го прави преку давање изјави или официјални соопштенија“,
ни одговорија од МПЦ-ОА.
Во конкретниот случај, по средбата, МПЦ-ОА објави соопштение на својата интернет-страница. Но, тоа содржи само информација дека таква средба се одржала. Како и при одговорот на нашето прашања, немаше објаснување за целта и пораките.
Дела и зборови
Но, официјалната средба и протоколарното среќавање (како што ги нарекува МПЦ-ОА) од јуни годинава не се исклучок. Ариепископот Стефан и други ченови на Синодот се редовни гости на настани организирани од руската амбасада. На пример, архиепископот со уште петмина владици присуствуваше на приемот по повод Денот на Русија во 2025 година. Ќе повториме, во услови кога освен Стоилковиќ, никој друг од власта не присуствува на вакви настани.
Новинарот и аналитичар Марјан Николовски, во зачестените контакти меѓу врвот на МПЦ-ОА и Амбасадата на Руската Федерација, гледа како на сериозен обид за политичко мешање во земјава. Не поради тоа што Македонската православна црква комуницира со Москва.
„Тоа го препознавам можеби низ аспектот што последните две-три години, ако не и од 2022, од доаѓањето прво на Васијан Змеев во Македонија, веројатно е обидот да се манипулира со емоциите во поглед на именувањето на црквата. Па сега, ние имаме некоја форма на тоа дека Руската црква нас сè ни признава, оние другите, Грците, нè мразат, не ни даваат да се викаме македонска, еве Русите ни даваат. Но, во основа, мислам дека има и клирици во МПЦ, и од високиот врв и од понискиот, кои искрено веруваат, убеден сум дека има такви, дека Западот е лош за православието, има намера да го уништи, а чуварот на тој православен ореол на Македонците и може да го спасат само Русија, Путин и Кирил“,
вели Николовски.

Кирил е духовното име на рускиот партријарх. Тој не само што отворено ја поддржа руската инвазија на Украина, туку застапува и шири ревизионистичка пропаганда против соседната земја. Под негово водство, Руската православна црква ја прогласи војната во Украина за света, а украинскиот народ и држава како дел од рускиот свет, што, пак, оправдува и укинување на украинската независност и држава.
Европската Унија (ЕУ) се обидува, но не успева да договори санкции против него. На средината на јули годинава пречка беше Бугарија, која стави вето на таквиот предлог. На тој начин Софија ја презеде палката од Будимпешта, која, почнувајќи од 2022, година ја блокираше таквата одлука додека со Унгарија раководеше Виктор Орбан.

Па, прашавме во МПЦ-ОА, дали ставовите на патријархот Кирил ги сметаат за оправдани?
„Поседувајќи вековно искуство и свесност за својата историската одговорност, МПЦ-ОА воспоставува и одржува комуникација со сите сестрински Православни Цркви, меѓу кои и со Руската Православна Црква. До овој момент, поединечните изјави на одредени личности, па дури да се тоа и лични ставови на црковни поглавари, не биле предмет на синодско разгледување, поради што и не постои синодски став во однос на посоченото прашање. Во овој разбрануван свет, правецот по кој се раководи МПЦ-ОА е молитвата за мир“,
велат од МПЦ-ОА.
Сепак, настаните и постапките на МПЦ-ОА во последниве години не креираат впечаток за неутралност и еквидистанца. Македонската православна црква од возобнувањето во 1967 година беше во раскол со останатиот православен свет. По долгогодишниот ќор-сокак со СПЦ и по решавањето на спорот за името со Грција со Преспанскиот договор, МПЦ се сврти кон Вселенската патријаршија во обид да се стекне со признавање на автокефалноста.
Работите тргнаа во добра насока и на 9 мај 2022 година Цариград, предводен од патријархот Вартоломеј, ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска, под древното име Охридска архиепископија. Синодот на СПЦ ја поздрави одлуката и брзо уште во наредните денови се случи помирување на двете цркви. Но, следуваше нов заплет. Наместо од Вселенската патријаршија, томос стигна од Српската православна црква со име Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Цариград го нарече „лажен“ бидејќи сметаат дека само тие може да дадат вистински томос за автокефалност, но Москва го призна. Од тој момент, полека замираат контактите со Вселенската патријаршија, а јакнат оние со Руската православна црква.
„Македонската православна црква последните неколку години, особено поглаварот, изразито комуницира со честитки со рускиот патријарх, со Украинската црква, којашто е дел од Руската црква, што никогаш не било случај во минатото. Па се поставува прашањето зошто и од каде толкава љубов кон Украинската православна црква – Московска патријаршија со која МПЦ никогаш во последните 50 години немала комуникација. Да бидам попрецизен, таа иста црква ја сметаше МПЦ за расколничка црква“,
потсетува Николовски.
Николовски смета дека наклонетоста на МПЦ-ОА кон Русија не се огледа само низ одлуките на колективните тела. Тој го посочува однесувањето и на самите владици.
„Од почетокот на војната во Украина до денес, со поглаварот на Руската православна црква имаат сослужувано три цркви. Тоа е Бугарската, со нивните свештеници, српскиот патријарх и владиката Петар од МПЦ-ОА. Ниту една друга помесна православна црква нема сослужувано со поглаварот на Руската православна црква затоа што огромен процент на клирици и цркви на православниот свет сметаат дека Руската православна црква е продолжена рака на воената агресија во Украина. Така што, тоа е само еден од аспектите што укажуваат на тоа дека МПЦ се движи во блокот на рускиот свет. Засега таму се Бугарската црква и Српската православна црква. И уште една работа – последните неколку години, особено последната година, нашите стратешки партнери, мислам на државни стратешки партнери – Соединетите Американски Држави, пред сè, и Европската Унија, нивниот интерес веќе не е кон МПЦ во тоа дали таа има проруски позиции. Тие имаат зацементирано дека е со проруски позиции, туку нивниот сегашен интерес е како таа политика на МПЦ може да се одразува во општеството понатаму“,
вели тој.
12 септември 2024 година е денот кога Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА официјално ја поддржа проруската Украинска православна црква:
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“,
соопшти тогаш МПЦ-ОА.

Со оглед на неутралните тонови во дел од одговорите што ги добивме, прашавме зошто тогаш МПЦ-ОА, во однос на признавањето на Украинската православна црква, го држи ставот на РПЦ, а не на Вселенската патријаршија која го даде томосот за автокефалност на Православната црква на Украина?
„Мнозинството на Помесните Православни Цркви имаат идентичен став кон Православната Црква на Украина и тој се совпаѓа со ставот на МПЦ-ОА, кој е заснован врз канонскиот поредок и Светото Предание. Синодот внимателно ги разгледува состојбите во Православната Црква и одлуките кои ги носи произлегуваат од внатрешните уставни начела, црковната легислатива и духовните вредности врз кои МПЦ-ОА го темели своето внатрешно и надворешно делување. Тие не се условени, ниту подлежат на надворешни влијанија“,
велат од МПЦ-ОА.
Формално не, неформално да. Ова е одговорот на аналитичарот Николовски на прашањето дали денес МПЦ-ОА е во расчекор со официјалната надворешнополитичка ориентираност на државата. Тој смета дека црквата никогаш не изградила официјален став во кој може да се препознае дали таа ја следи прозападната ориентација на државата како членка на НАТО и кандидатка за ЕУ. Но, од друга страна, смета дека низ говорите и потезите на поглаварот и на одредени владици лесно може да се препознаат форми на сомнеж и на евроскептицизам.
„Еве ќе земем конкретен пример – кога се менуваше името на државата, колку и да беа поглаварот и одредени владици, половина црква, противници на тој процес, тие го одмолчеа тој процес како црква. На барикадите беа двајца митрополити – Агатангел и Петар, кои во свое име зборуваа и протестираа против тоа, но црквата го одмолчи тој процес заради моментот – ако влезеше во директен конфликт со тогашната власт, веројатно ќе имаше некакви други последици. Сакам да кажам дека тие не се способни да градат таква некоја висока политика. Тие се во моментов некаква структура којашто може да биде лесно заводлива, лесно подводлива за некои помали прашања, движења, потклекнување на влијанија на руски, проруски структури, но не може да очекувате ниту да застанат отворено против ЕУ, а нема да застанат па ниту отворено за поддршка на Украина заради тоа што ќе треба да си го нарушат односот со Русија. Така што, тоа е еден чуден комплекс на однос на самата МПЦ“,
вели тој.
„Руска црква“ во Блатец
Впечатлив пример за руско-македонските црковни односи се настаните од летово во виничкото село Блатец. Таму се гради храм познат меѓу локалното население како „руска црква“. Иницијативата била на отец Методиј, родум од Блатец, кој бил свештеник во Руската православна црква.

„Руска црква ја викаат оти тие ја финансираат. Тој, од тука беше отецот наш, ама го фати короната во Русија, заврши таму, ама тука сакал да има црква“,
вели Фидан Златков од Блатец.
„Инаку, човекот се викаше Венко, а црквата ќе се вика ‘Кирил и Методиј’, брат му се вика Кирил. Руси доаѓаат тука и контролираат дали е направено сè како што треба. Тие ја финансираат изградбата. Не знам колку пари ќе чини, но имам слушнато дека се работи за околу три милиони евра“,
рече Николче Тасев од Блатец.
Причината поради која приказната за раѓањето на новиот храм се најде во овој текст е огласот во кочански медиум од јуни годинава – дека во „Кирил и Методиј“ ќе се одржи „сенароден собир и разговор посветен на македонско-руското пријателство, православната поврзаност и иднината на Македонија“. Веднаш реагираше Брегалничката епархија на МПЦ-ОА преку свои свештеници, дека не дала благослов за одржување таков настан. Нарачателот на огласот остана непознат.
Додека баравме соговорници по блатечките сокаци, запре автомобил што го возеше млад човек заинтересиран што снимаме. Откако му кажавме, тој ни раскажа дека знаат за повикот за таков настан, но оти никогаш не се одржал.
„Дента кога наводно требаше да се одржи настанот јас цел ден патролирав со колава покрај црквата за да видам дали некој ќе се појави, но никој не дојде“,
рече момчето.
Ни посочи дека неговата тетка Николина Јанкулова најубаво знае да ни зборува и за случајот и за селото, па побрза да ја повика. Никаква руска црква – беше децидна таа зборувајќи за повикот за одржување на настанот. Според неа, црквата се гради со љубов и желба и дека е прекрасно здание што на православието ќе му остане за навека.
Јанкулова: Тоа е таква лажна пропаганда. Некој се обидува нешто. На знам што му е целта. Знаат оти блачани се сплотени, луѓето не попуштаат за ништо и верувам дека ќе останеме и понатаму така за се што се прават проблеми во селото, сите сме единствени. Ако треба нож до коска, што се вели по старо. Ако треба сите излегуваме од младо до старо. Еве јас жените ќе ги организирам, сите одиме на протести.
360: Какво е расположението меѓу луѓето, има ли луѓе што се проруски расположени или прозападно расположени? Дали сте некако политички поделени?
Јанкулова: Не, нема врска. Сите сме си тука православни од век и векови. Мојот татко е роден 1902 година. Тука е православието отсекогаш. Никакви проруски. Тоа е само пропаганда што нема врска. Тоа сакам да го потенцирам и со сигурност да го кажам.
360: Еве некој да ве праша за политика, за војната во Украина, нешто би знаеле ли да ни кажете?
Јанкулова: Јас за војните не сакам да слушам затоа што сето тоа е уништување на човештвото и на планетата Земја. Сега што се води војната меѓу Иран и Америка, Русија и Украина, не само животи што загинаа многу, они веќе ја загадија атмосферата и воздухот, со тие бомби, со тие ракети, со тие дронови. Мисли ли некој дека човештвото ќе си го уништиме, планетата ќе ја уништиме.
Од МПЦ-ОА за повикот нè упатија одговори да побараме во Брегалничката епархија, во чија надлежност е и црквата во Блатец, откако ги прашавме – дали ако организаторите на настанот формално побарале благослов, МПЦ-ОА би дозволила храмовите да се користат за вакви собири?
„Не би се впуштале во разгледување на хипотетички ситуации. Само ќе напоменеме дека во рамките на црковното устројство, настаните од локален карактер, како и прашања поврзани со динамиката на парохискиот и епархискиот живот, се разгледуваат и решаваат самостојно од надлежниот епархиски архијереј. Во случајов, тоа е брегалничкиот митрополит“,
велат од МПЦ-ОА.
Преку вибер-порака прашањето му го поставивме на митрополитот брегалнички г. Иларион, но тој ни посочи дека администрацијата на епархијата е на колективен одмор, па за одговорот што го бараме да го потсетиме по 15 август.

Аналитичарот Николовски смета дека случајот во Блатец е далеку од некакво руско влијание и дека се работи за нешто сосема друго.
Николовски: Веројатно, проблемот е што владиката од Брегалничката епархија не бил поканет на тој собир и тука е малку настаната конфузна ситуација. Тоа се моите информации, не велам дека мора да се точни. (…) Инаку, ако Брегалничката епархија е толку загрижена за влијанието на Руската православна црква во Македонија, има многу повеќе теми на коишто може да разговара, да дава сугестии, да потенцира, да анализира. На пример, ако го земат само сајтот којшто е официјален сајт на Македонската православна црква, ‘литургија.мк’, ќе видите таму дека од сто објавени вести, 94 се за Руската православна црква. И тоа не од некој политички или литургиски живот – на пример, преведен речник на руски јазик во Јужна Кореја. Сфаќате? Такви некои вести коишто немаат никаков контекст и интерес за македонската јавност.
360: Ако ја информирале епархијата, мислите дека ќе се одржеше настанот без проблем?
Николовски: Да. И ќе беше владиката Иларион присутен таму.
Државата и Црквата имаат различни улоги и мисии. Но, кога едната ја гради иднината во НАТО и Европската Унија, а другата ги продлабочува односите со институција што Кремљ ја смета за еден од столбовите на својот „руски свет“, тогаш прашањето за тие односи престанува да биде само црковно.
