Од Министерството за внатрешни работи велат дека 4 241 прекршоци се однесувале на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење
299 возила биле отстранети од сообраќај затоа тоа што биле нерегистрирани, а 125 поради техничка неисправност

Само во јули, при редовни контроли ширум државата полицијата констатирала 20 976 сообраќајни прекршоци. Од нив, 4 241 се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Најголем дел од возачите што биле лишени од слобода, вкупно 496, биле поради безобѕирно управување на возило, од кои 81 за возење под дејство на алкохол, 373 за возење без возачка дозвола, 25 поради претходно изречена забрана за управување на моторно возило, три за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, 13 за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место и едно лице за возење во забранет правец.
„Во истиот период одземени се 332 возила по член 300-б од Кривичниот законик. Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец јули евидентирани се 4 694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол“,
соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од друга страна, пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата биле санкционирани 2 073 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем.
„Исто така санкционирани се 1 829 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 299 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 125 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 44 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“,
велат од МВР.
Од МВР посочуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
