„Одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, не бараат оти коалицијата СДС-ДУИ-Таравари не може да се раздели, па и во опозиција делува заеднички, против народот. Филипче да даде јасен и недвосмислен одговор на јавноста зошто молчел за време на неговиот мандат како министер за здравство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинија лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, дека додека бил министер молчел, а сепак постоеле индиции дека водата за пиење во Гостивар не ги задоволувала законските стандарди.
Според партијата, проблемот продолжил и откако Филипче веќе не бил министер.
„Во документите стои дека на 11.11.2020 година микробиолошката анализа покажала зголемен број на колиформни бактерии и констатирала дека водата не треба да се користи за пиење. 15.02.2021 и 01.03.2021, повторно било констатирано дека водата не ги задоволува критериумите согласно правилниците за безбедност и квалитет на водата за пиење. 11.07.2022, водата за пиење доставена од ЈП ‘Комуналец’ – Гостивар, не одговарала за употреба поради зголемен број на аеробни мезофилни бактерии. 29.06.2023 повторно била констатирана неисправност поради бактериски колонии. 04.08.2023 година повторно било утврдено дека водата за пиење не одговара поради зголемен број на аеробни мезофилни бактерии“,
тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека тогаш ниту Филипче, ниту СДСМ како тогашна владејачка партија, не реагирале соодветно. За сегашните реакции велат дека се обид да ја продадат своја верзија на случајот за добивање политички поени.
„Одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, не бараат оти коалицијата СДС-ДУИ-Таравари не може да се раздели, па и во опозиција делува заеднички, против народот. Филипче да даде јасен одговор и недвосмислен на јавноста зошто молчел за време на неговиот мандат како министер за здравство. Ова не е времето на Зоран Заев и криминалната СДС кога се игнорираа вакви случаи. Во тек е официјална постапка за утврдување на сите околности поврзани со случајот“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лицата за кои постои сомневање за најголема одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар веќе се лишени од слобода и дека се преземаат сите неопходни активности за целосно расветлување на случајот.
Од опозицискиот СДСМ денеска побараа кривична одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски, премиерот Христијан Мицкоски и други одговорни бидејќи, според нив, гостиварци се бањале со бактериолошки неисправна вода.
„Министерот Клековски најави дека од оваа недела водата ќе може да се пие. Мицкоски рече дека има бактерија. Денес официјално е потврдено: присутна е опасната бактерија Pseudomonas aeruginosa, која има сериозни последици по здравјето на човекот. Тоа значи дека капењето не било дозволено, а граѓаните се капеа. Ова е страшна информација што власта се обидува да ја прикрие. За ова мораат кривично да одговараат – Христијан Мицкоски, министерот Клековски и сите одговорни лица од институциите што молчеа додека се загрозуваше здравјето на граѓаните на Гостивар“
велат од СДСМ.
Водата од градскиот водовод во Гостивар со недели не е исправна за пиење. По процесот на хиперхлорирање, надлежните ја прогласија за технички исправна, но и натаму е забранета за пиење.
