„Но, од друга страна, следејќи ги историските текови, можам со сигурност да потврдам дека оваа држава немаше да постои доколку не беа Македонците и заложбите на нашите предци. Да зависевме од волјата на останатите, како што денеска ги нарекуваме етнички заедници, а во минатото народности или делови од народи, ние немаше да имаме независна држава, туку ќе бевме составен дел како во минатото на некоја друга соседна држава или повторно распарчена на неколку делови“, вели лидерот на ЗНАМ, коментирајќи го отсуството на собранискиот спикер Африм Гаши од прославата за 2 Август
Градоначалникот на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека не доликува претседателот на Собранието да го замени одбележувањето на 2 Август – Илинден со учество на меѓународна конференција. Ако не ги почитувате елементарните датуми за создавање на државата и државноста, вели Димитриевски во синоќешното интервју за телевизија Сител, тогаш де факто не ја почитувате ниту државата.

Се знае редот, вели Димитриевски, за 2 Август секогаш претседателот на државата оди на едно од трите значајни места за Илинден, премиерот оди на второто, а претседателот на Собранието на третото.
„Дали ќе живееме во еден лажен свет во кој ќе си покажуваме лице едни на други или, пак, ќе се соочиме со фактот дека Македонија е независна држава и дека им припаѓа на сите нејзини граѓани, но притоа се вика Македонијa која сакаме да ја делиме сите, но и да ја надоградуваме. Ако вие не ги почитувате елементарните датуми за создавање на државата и државноста, тогаш де факто не ја почитувате ни државата“,
изјави Димитриевски во интервјуто за Сител.
Од друга страна, лидерот на ЗНАМ вели дека верува во тоа оти државата не би постоела доколку не биле Македонците и нивните заложби за нејзино создавање.
„Да зависевме од волјата на останатите, како што денеска ги нарекуваме етнички заедници, а во минатото народности или делови од народи, ние немаше да имаме независна држава, туку ќе бевме составен дел како во минатото на некоја друга соседна држава или повторно распарчена на неколку делови. Така што, тука сме ние, ќе ја заштитиме и државноста и сè додека има Македонци, ќе има и Македонија“,
изјави Димитриевски.
Собранискот спикер Африм Гаши не беше присутен на годинашната свеченост по повод одбележување на 2 Август. Наместо Гаши, кој замина на конференција во Египет, собраниската делегација ја предводеше потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој се обрати на народниот собир на Мечкин Камен.
Собранискиот спикер ниту минатата година не присуствуваше на државните манифестации по повод Илинден, тогаш поради здравствени причини. Собраниската делегација лани ја предводеше собраниската потпретседателка Весна Бендевска, која положи цвеќе на Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
