Зафатена е претежно ниска вегетација, а силниот план што од време на време се појавува е последица на согорување на многубројните ниски смреки
Според ЦУК, пријавени се уште два нови пожари во Кавадаречкиот регион
Пожарот во Кавадаречко се уште е активен и неговото гаснење ќе продолжи во текот на ноќта, соопшти вечерва директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Вечерва е невозможно да се воспостави контрола на пожарот. Кавадаречките пожарникари ќе го гаснат и во текот на ноќта“,
кажа тој.
Посочи дека е зафатена претежно ниска вегетација, а силниот план што од време на време се појавува е последица на согорување на многубројните ниски смреки.
Мухамед Али, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), пак, рече дека се пријавени уште два нови пожари во Кавадаречкиот регион.
„Едниот е во близина на каменоломот ‘Градба промет‘, каде гори нискостеблеста шума и трева, а вториот е меѓу селата Цирково и Манастирец, со можности за проширување на голем оган. Двата пожари се на пет и осум километри од главниот пожар“,
вели директорот на ЦУК.
И градоначалникот на Кавадарци Митко Јачев, како што додаде, е на терен со пожарникарите.
Попладнево од ДЗС соопштија дека пожарот кој синоќа беше подметнат на дваесетина километри од Кавадарци, но пожарникарите успеаја да го стават под контрола, повторно е реактивиран.
Оттаму велат дека огнот е проширен на тешко пристапен терен, а се интервенира и со два „ертрактори“.
