Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кажа дека пожарот се случил доцна синоќа, бил подметнат на пет локации, но и дека има осомничено лице за тоа

Пожарот кој синоќа беше подметнат на дваесетина километри од Кавадарци, но пожарникарите успеаја да го стават под контрола, попладнево е реактивиран, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.
Оттаму велат дека огнот е проширен на тешко пристапен терен, а се интервенира и со два „ертрактори“.
Градоначалникот Митко Јанчев, во објава на Фејсбук пред еден час, вели дека пожарот e во околината на сeлото Раец и состојбата останува сериозна.
„Сите расположливи екипи се на терен и вложуваат максимални напори за локализирање на огнената стихија. Во гаснењето се вклучени пожарникарите, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување со воздушна поддршка со два авиони, припадници на Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција, како и екипи од Шумско стопанство – Кавадарци. Борбата со огнот продолжува без прекин, а сите служби координирано и пожртвувано работат за да се спречи понатамошното ширење на пожарот“,
објави Јанчев.
Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кажа дека пожарот се случил доцна синоќа, бил подметнат на пет локации, но и дека има осомничено лице за тоа.
„Лицето побегнало од возилото, но е пронајдено подоцна и моментално кавадаречката полиција одржува разговор со него. Се надевам дека ќе бидат обезбедени доволно докази за осомничениот да биде изведен пред лицето на правдата“,
рече Ангелов попладнево.
