Борбата денес, додава лидерот на СДСМ, е за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес, за Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите, за Македонија која е дел од европското семејство
Илинденците се бореа за слобода, за правда и за правото на овој народ сам да ја одлучува својата судбина. Денес, повеќе од еден век подоцна, имаме должност да го продолжиме токму тој пат. Ова е пораката што денеска од Крушево ја испрати лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, по повод 2 Август – Илинден.

„Денес им оддаваме почит на хероите на Илинден и на Крушевската Република – на оние кои пред повеќе од еден век се бореа за слободна и достоинствена Македонија. Нивната жртва не беше за изолација. Не беше за страв. Не беше за поделби. Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина“,
порача Филипче во своето обраќање.
Затоа, додава лидерот на СДСМ, борбата денес е за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес, за Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите, за Македонија која е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна.
„Илинденците се бореа против тиранијата на своето време. Денес нашата борба е против корупцијата, против изолацијата и против лажниот патриотизам што ја држи државата во место. Македонија не смее да остане заробена во минатото. Не смее да биде држава во која младите заминуваат, во која пензионерите едвај преживуваат, во која водата за пиење е опасна, а институциите служат на тесен круг луѓе“,
додава тој.
