Традиционално, централниот настан по повод чествувањето ќе се одржи во Крушево каде што ќе присуствува собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го одбележи Илинден во Скопје, а премиерот Христијан Мицкоски во Пелинце
Македонија денеска го одбележува Илинден и двата најзначајни настани за македонската државност – 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.

Традиционално, централниот настан по повод чествувањето ќе се одржи во Крушево. Наместо претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој е на службено патување во Египет, собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој ќе се обрати на народниот собир на „Мечкин Камен“.
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова ќе го одбележи Илинден во Скопје, каде што ќе се обрати на свеченоста организирана пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, на плоштадот „Македонија“.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе се обрати на одбележувањето на 82-годишнината од Првото заседание на АСНОМ кое ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце.
Илинденското востание започнало на полноќ спроти Илинден во 1903 година, кога востаниците го ослободиле Крушево и ја прогласиле Крушевската Република, предводена од Никола Карев. Републиката опстојувала десет дена, по што била задушена од бројната османлиска војска, а херојската одбрана на Мечкин Камен и загинувањето на Питу Гули го означиле нејзиниот крај.
Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, на Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ биле поставени темелите на современата македонска државност. Бил потврден општествено-правниот статус на Македонија, бил избран Президиум предводен од Методија Андонов-Ченто и усвоени клучни документи, меѓу кои за воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот.
