Ферати го искритикува Стоилковиќ дека не работел инклузивно – најголем дел од проектите биле наменети за организации поврзани со културни настани и промоција на српската заедница. На брифинг со новинарите, министерот за односи меѓу заедниците кажа дека посебен акцент ќе биде ставен на унапредувањето на институционалните капацитети и зајакнувањето на ефикасноста. Најави реализација на проекти кои промовираат толеранција и различност
Недоволна искористеност на човечките ресурси и нарушена кохезија во Министерството за односи меѓу заедниците затекнал новиот министер Агон Ферати, кој на брифинг со новинарите порача дека приоритет во работата ќе му биде подобрување на впечатокот во јавноста за институцијата со која ќе раководи. Според него, делумно оправдана е негативната перцепција за министерството, бидејќи како што рече, нотирал повеќе недоследности.
„Човечките ресурси не биле искористени како што треба. Има недостаток на работна опрема. Од 140 вработени , 30-35 луѓе немаат компјутери. Сите вработени доаѓаат на работа, но идејата е да се подобри и внатрешната атмосфера, ги контактиравме сите раководители и побаравме препораки. Има нарушена кохезија по сите основи – верски, партиски и етнички“,
кажа Ферати.

Во таа насока Ферати посочи дека ќе настојува да има вклученост на сите етнички заедници, а најави и реорганизација со формирање на два нови оддели во министерството.
„Некои сектори ќе се корегираат, со новата систематизација ќе креираме оддел за стратешко партнерство, меѓународни односи и ЕУ грантови, а другиот оддел ќе биде за анализа и истражување“,
рече Ферати.
Ферати на брифингот со новинарите посочи и дека недостасуваат стратешки документи на министерството, бидејќи досега биле донесени само два и тоа со важност од две години.

Во однос на неговиот претходник, министерот Иван Стоилковиќ, кој сега е избран да раководи со Министерството за локална самоуправа, Ферати го искритикува дека не работел инклузивно. Најголем дел од проектите биле наменети за организации поврзани со културни настани и промоција на српската заедница.
„Не станува збор за големи финансиски средства, но од 36 грантови да речеме, 29 биле за српската заедница“,
рече министерот за односи меѓу заедниците.
Ферати посочи дека посебен акцент ќе биде ставен на унапредувањето на институционалните капацитети и зајакнувањето на ефикасноста. Најави реализација на проекти кои промовираат толеранција и различност.
