Пожарникарите во Франција и Шпанија и понатаму се борат против разорни шумски пожари досега невидени во современата историја. Ставањето на огнот под контрола го отежнуваат силни ветрови и високи температури. Истовремено, грчките пожарникари втор ден се борат со пожари на островот Крит. Во борбата со огнената стихија загинаа тројца пожарникари. Пожари на отворено ја зафатија и Турција

Бранот шумски пожари што го зафати југот на Европа сега се беснее и во Турција. Стотици луѓе се евакуирани во покраините Анталија и Мугла, додека пожарите во другите делови од земјата се ставени под контрола. Огнот досега оштети повеќе од 50 куќи.
Француските пожарникари сè уште се борат со големиот пожар западно од Бордо. Температурите што се искачија над 38 степени дополнително ги отежнаа нивните напори. Сепак, во последните 24 часа на некои места заврна дожд, па ситуацијата е поповолна. На помал дел од 220-те илјади евакуирани луѓе им е дозволено враќање дома, но властите предупредуваат дека опасноста не е помината.
Летните пожари поради сушите и високите температури сега се закана и во Велика Британија. Долготрајните топлотни бранови што се повторуваат доведоа до пожар во природниот резерват во Кембриџшир, каде изгоре голема површина заштитена шума.
„Веројатно ќе продолжи да гори следните два или три дена. Се надеваме дека до викендот ќе го изгаснеме пожарот, сега е ограничен, така што сме во фаза на стивнување на пожарот“,
изјави Ричард Бостон од пожарникарската единица во Кембриџшир.
Битка против огнената стихија водат и британските пожарникари во Сафолк. Пожарот се прошири на површина од сто хектари, во близина на нуклеарна централа која, за среќа, не е загрозена.
Гори и понатаму во Шпанија. Сепак, пожарникарите известуваат за напредок во борбата со огнената стихија во мадридскиот регион. Но, изби нов пожар на западот од земјата, долж границата со Португалија.
„Никој ништо не презема. Има премалку итни служби. Овде би требало многу повеќе луѓе да помагаат бидејќи ова е резерват, ништо не се презеде“,
изјави Хавиер Бартоломе, жител на шпанскиот град Фермосеље.
„Се плашиме за ресторанот, за целото село, за кампот. Се плашиме за сите луѓе кои мораа да бидат евакуирани од селото, особено за нашите постари. Едноставно, се чувствуваме бесплодно и беспомошно“,
изјави Марија Конде, вработена во ресторан во шпанскиот град Фермосеље.
Грчките служби, пак, втор ден по ред гасат смртоносни пожари на островот Крит каде крајбрежната стража евакуираше 31 лице на јужниот брег од островот.
Вкупно тројца грчки пожарникари кои се бореа со пожари на Крит и во остатокот од Грција загинаа, а двајца други се полесно повредени. Двајца од настраданите биле заробени од огнот во близина на селото Крија Вриси во средиштето на островот. Третиот загина во одделен пожар во пелопонескиот регион.
