Министерот вели дека секојдневно се земаат мостри од водата во Гостивар од повеќе кориснички места, а за да се тргне забраната за нејзина употреба за пиење, потребно е три последователни теста на мострите да покажат соодветни резултати
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека е неблагодарно да се шпекулира кога водата во Гостивар ќе биде безбедна за пиење. За Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да ја тргне забраната за пиење на водата од гостиварскиот водовод, вели Клековски, мора да се добијат три последователни исправни резултати од анализите.

Клековски вели дека секојдневно се земаат мостри од водата во Гостивар од повеќе кориснички места.
„Сакаме да бидеме максимално сигурни пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и за подготовка на храна. Постојано се прават тестови, а тие ќе продолжат а и во текот на викендот. Секој ден од повеќе кориснички места се земаат мостри. Кога резултатите од три последователни теста ќе бидат соодветни, АХВ ќе може да ја повлече забраната за употреба на водата за пиење. Она што е важно е дека водата сега може да се употребува за други намени, а не за пиење и за подготовка на свежа храна. Така што, барем тој дел е разрешен“,
изјави Клековски по денешната посета на болницата во Штип.
На прашањето колку анализи на водата од гостиварскиот водовод се направени досега, министерот вели дека анализи се прават секојдневно од најмалку девет кориснички места.
„Секој ден се прават анализи од најмалку девет кориснички места. Значи, може да има еден тест кој не е соодветен и повторно да треба да се прават. Навистина е неблагодарно да предвидувам какви ќе бидат анализите и да шпекулирам што и како ќе биде“,
изјави Клековски.
Претходно вчера премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по извршеното хиперхлорирање на водата во Гостивар е утврдено дека фекалните бактерии се целосно отстранети од мрежата, но поради долгото некористење и силното прочистување на инсталациите, во цевките се појавила нова резидуална бактерија.
