По разговорите со откупувачите на ориз и оризопроизводителите, кои му ги пренеле проблемите со ниската откупна цена на оризовата арпа и вишокот ориз кој стои во амбарите, министерот Борче Серафимовски уверува дека ќе се работи на конкретни мерки за следната реколта, за проблемите со откупот да не се повторуваат секоја година
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, најавува долгорочно решение за ниските откупни цени и за проблемите со откупот на оризовата арпа.

По разговорите со откупувачите на ориз и оризопроизводителите, кои му ги пренеле проблемите со ниската откупна цена на оризовата арпа и вишокот ориз кој стои во амбарите, Серафимовски уверува дека ќе се работи на конкретни мерки за следната реколта, за проблемите со откупот да не се повторуваат секоја година.
„Денеска остварив средба со оризооткупувачите во врска со овој проблем. Сумирањето на информациите од едната и другата страна треба да ни даде релевантни податоци на кој начин би можеле да пристапиме и заеднички да го решиме проблемот. Во моментов имаме залихи на ориз и оризова арпа кои стојат и кај производителите и кај откупувачите, но главниот момент е цената која треба да биде предмет на договор помеѓу двете страни. Минималната цена по која се откупува е 18 денари, но согласно квалитетот на оризовата арпа, таа се движи и до 25 денари – инфомрација која денеска ја добив од откупувачите на ориз“,
изјави денеска министерот за земјоделство.
Серафимовски уверува дека кон проблемот се пристапува комплексно.
„Во наредниот период, со подготовка за новата реколта, а воедно и по завршувањето, ќе отпочнеме со решение и практични мерки за да можеме да се подготвиме за наредната“,
рече Серафимовски по денешната посета на Хидросистемот „Злетовица“ во Пробиштип.
