На гасење на пожарот во близина на регионот Ретимно на Крит, кој е популарна туристичка дестинација, интервенираат над 100 пожарникари со 27 возила и четири хеликоптери
Двајца грчки пожарникари загинаа при гаснење на шумски пожар на островот Крит во јужна Грција. Загинатите се двајца од над 100 пожарникари кои се борат со пожарот во регионот Ретимно на северниот брег на островот.

Јавниот радиодифузен сервис на Грција објави дека двајцата пожарникари останале заробени помеѓу огнените јазици додека со своето возило се движеле од еден пожарен фронт на друг.
„Тие загинаа херојски, при вршење на должноста, за да ги заштитат животите и имотот на граѓаните“,
се вели во соопштението на противпожарната служба.
Пожарот во близина на регионот Ретимно на Крит, кој е популарна туристичка дестинација, избувна околу 14:30 часот oпожарувајќи најпрво ниска вегетација. Поради силните ветрови, огнот брзо се прошири, а на негово гаснење интервенираат над 100 пожарникари со 27 возила и четири хеликоптери.
На жителите од три околни села им се дадени насоки за евакуација.
