По денешниот онлајн состанок со директорот во Европската комисија, Герт Јан Копман, премиерот порача дека Македонија е единствена во регионот која забрзано работи на реформската агенда и на чекорите што се предвидени да се завршат во декември
Владата останува целосно посветена на реформите и ќе направи сè што е во нејзина моќ за да ги исполни домашните задачи, а потоа останува на Европската комисија да оцени дали реално заслужуваме да бидеме дел од Европската Унија, рече премиерот Христијан Мицкоски по денешниот онлајн работен состанок со директорот на Генералниот директорат на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.

Главни теми, како што информира премиерот, биле Реформската агенда и процесот на евроинтеграција, а според информациите од претставниците на Брисел, Македонија е единствената земја од регионот која во моментов активно работи на реформите кои се во грејс-период за спроведување до декември, како и на оние од редовниот колосек кои истекуваат во 2026 година.
„Ние остануваме посветени на таа испорака. Со други зборови, ќе направиме сè што зависи од нас. Нема да потпишуваме капитулации и бели листови хартија како што тоа го правеше претходната влада, а ништо да не испорачаат дома“,
кажа премиерот.
Дополнително, рече и оти Владата ќе направи сè што е поврзано со реформите, со домашните задачи и потоа ќе остават на луѓето од Брисел и на Европската комисија да судат дали земјава реално заслужува да бидеме дел од Европската Унија на база на испорака.
„Бидејќи секогаш мене ми велат и таму кога одам на состаноци тоа го слушам дека ова е процес што се темели на заслуга, односно колку испорачуваш, толку добиваш. Еве, ние ќе се обидеме да го заслужиме тоа преку испораката во реформите, понатаму ќе оставиме на нив“,
заклучи тој.
