Портпаролката на СДСМ посочи дека институциите реагирале предоцна, дека навреме не ја информирале јавноста и дека дури по ескалацијата на кризата признале ризик од појава на жолтица и други заразни болести
Кузеска побара кривична одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат директорите на надлежните центри за јавно здравје, како и сите службени лица, како што додаде, што знаеле што се случува, ги криеле информациите, не презеле мерки и дозволиле здравјето на граѓаните да биде загрозено
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска побараа политичка и кривична одговорност за, како што велат, труењето на граѓаните во Гостивар и загадувањето на водата во повеќе населени места.
Портпаролката и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, рече дека со над 4 000 заболени граѓани во Гостивар, како и за загадување на водата во уште седум населени места и на две реки, институциите мора да понесат одговорност.

Според неа, наместо да ја утврди одговорноста, власта се обидува да ја прикрие вистината за институционалниот колапс.
„Наместо да прикриваат и да бараат виновници насекаде, освен во сопствените редови, криминалната ВМРО треба да ја признаат вистината за тоталниот институционален колапс. Здравјето на граѓаните го загрозија, најважното нешто. Не можете да отруете цел град, загадување на вода да има и во седум други населени места, на две реки, а никој од власта да не одговара. Целата власт, сите институции и сите механизми се во рацете на ВМРО-ОКГ и на Мицкоски. Нема бегање од одговорноста сега за труењето на Македонија.“,
рече таа.
Посочи дека институциите реагирале предоцна, дека навреме не ја информирале јавноста и дека дури по ескалацијата на кризата признале ризик од појава на жолтица и други заразни болести.
„Прво, институциите признаа дека ‘црвените светла‘ им се запалиле предоцна. Додека илјадници гостиварци пиеле вода загадена со фекалии, никој не презел ништо. Потоа, ги криеја податоците од јавноста. Сега, кога кризата веќе ескалираше, признавате ризик од жолтица и други заразни болести. Она на што д-р Венко Филипче предупреди уште минатата недела“,
додаде Кузеска.
Јавноста, како што кажа, сè уште нема добиено официјален, потпишан извештај за анализите на техничката вода.
„Кој институт ги изработил анализите? Кој го потпишал извештајот? Кој ја одобрил употребата на водата? Врз основа на кои параметри е утврдено дека е безбедна? Граѓаните на Гостивар ја плаќаат цената затоа што наместо стручност, превенција и брза реакција, добија неспособност, прикривање информации и политички калкулации. За ова мора да има политичка и кривична одговорност“,
вели таа.
Побара кривична одговорност од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат директорите на надлежните центри за јавно здравје, како и сите службени лица, како што додаде, што знаеле што се случува, ги криеле информациите, не презеле мерки и дозволиле здравјето на граѓаните да биде загрозено.
Кузеска порача дека СДСМ нема да дозволи овој скандал да заврши без утврдување одговорност.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска соопшти дека изминатите 24 часа се регистрирани 71 нов случај, што укажува на смирување на епидемијата во Гостивар.
Оцени дека намалувањето на бројот на заболени е резултат на подобрување на водата во градскиот водовод.
Клековски додаде дека очекува до крајот на неделата водата во Гостивар да биде безбедна за пиење.
Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Делчево, коментирајќи ги обвинувањата од СДСМ оти власта задоцнила со реакцијата во Гостивар и нивните барања за одговорност, рече дека ваквите критики доаѓаат од човек за време на чиј мандат изгореа живи луѓе во модуларната болница во Тетово и кој е рекордер по бројот на починати од ковид-19, бидејќи наместо навремено да обезбеди вакцини, фокусот му бил на пиар и кампањи и дека во 2021 година, кога актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, беше министер за здравство, имало над 400 официјални пријави за неквалитетна вода во градот.
„Имаме преку 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Ништо не е преземено, нула, јас го повикувам Обвинителството да ги провери овие наводи за кои зборувам и да почне постапка зошто овие луѓе кога имале можност не преземале ништо и не го заштитиле здравјето на гостиварци, туку и на граѓаните во другите општини. Обвинителството мора да постапи по оваа информација и очекувам денес да влезат во ИЈЗ, АХВ и да ги провери овие наводи“,
рече Мицкоски.
