Бродот „Викинг Улур“ патувал кон Видин за снабдување со храна и вода, но поради нискиот водостој на реката патувањето било прекинато

Бугарската гранична полиција вчера успешно евакуирала 186 патници од патничкиот крузер „Викинг Улур“ откако пловилото се насукало во водите на реката Дунав, во близина на романското место Салциа.
До инцидентот дошло поради драстично намалениот водостој на реката, кој го оневозможил понатамошното движење на бродот кој плови под швајцарско знаме.
По безбедната евакуација на патниците, на крузерот останале 52 члена на екипажот, а според информациите за маршрутата, бродот во понеделникот испловил од романскиот град Дробета-Турну Северин и се упатил кон бугарското пристаниште Видин, додека пак целта на патувањето до бугарскиот град била редовно надополнување на бродските резерви со храна и вода.
Сепак, навигацијата била прекината поради екстремно ниското ниво на реката во овој период оти, како што велат бугарските власти, моментниот проток на Дунав изнесува само околу 1 600 кубни метри во секунда, што претставува критично ниско ниво за безбедно одвивање на речниот сообраќај за ваков тип пловила.
