Српски државјанин се обидел да прошверцува 5 000 штеки цигари сокриени во камион кој носел товар со градежни материјали наменети за Србија
Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ спречија голем обид за шверц, при што открија и запленија 5 000 штеки цигари чија вкупна вредност се проценува на девет милиони денари, соопштија од Царинската управа.
Оттаму велат оти нелегалната стока била откриена при рутинска контрола на товарно моторно возило кое било пријавено за транзит, а камионот бил управуван од српски државјанин и согласно приложената документација транзитирал од Грција кон Србија превезувајќи градежни материјали, односно камена волна.
„При извршената детална контрола, царинските службеници над палетите со пријавената стока откриле 100 необележани кутии со по 50 штеки цигари, односно вкупно 5 000 штеки цигари без акцизни маркички, кои не биле пријавени“,
велат од Царинската управа.
Српскиот возач кој се обидел да ги прошверцува цигарите е приведен, а против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење. Од Царинската управа посочуваат дека со оваа акција уште еднаш се потврдува бескомпромисната заложба за сузбивање на нелегалната трговија со акцизни стоки, како и спречување на прекуграничниот криминал во меѓународни размери.

