Деветнаесетгодишниот Андреј Танасковски се криел во таен стан во Никшиќ по обидот за ликвидација на Марко Љубиша-Кан во Будва кој се случи минатата година. Заедно со него е уапсен и црногорски државјанин кој му помагал во криењето
Црногорската полиција го уапси македонскиот државјанин Андреј Танасковски во Никшиќ, по кого се трагаше поради обид за убиство на Марко Љубиша, познат како Кан, објавија црногорските медиуми повикувајќи се на повеќе извори од Управата за полиција на Црна Гора.

Според информациите, Танасковски бил уапсен во таен стан во населбата Видрован во градот Никшиќ, а со него е уапсен и 34-годишниот Нено Марковиќ од Никшиќ, за кого постои основано сомнение дека му помагал на осомничениот да се крие од органите на прогонот по извршувањето на кривичното дело. Како што соопштија од полицијата, 19-годишниот Танасковски е осомничен дека на 7 август 2025 година, во комплексот на хотелот „Маестрал“ во Будва, се обидел да го ликвидира 56-годишниот Марко Љубиша-Кан, кој важи за член на Шкаљарскиот клан на балканскиот наркокартел.
„За А.Т. беше распишана меѓународна потерница поради кривичното дело убиство во обид оти со огнено оружје испукал два куршума во правец на жртвата, при што М.Љ. се здобил со телесни повреди во пределот на главата. На осомничениот му се товарат и делата недозволено носење на оружје и фалсификување на исправа. Според сомнежите, А.Т. во текот на планирањето на нападот, користел лажна лична карта, со иницијали Ј.Г од Република Србија, со која бил регистриран во хотелски објект во близина на нападот“,
велат од црногорската полиција.
