Од владејачката партија велат дека контролата на водата е исклучиво локална надлежност и го повика раководството на опозицијата да побара одговорност во сопствените редови

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и нивниот лидер Венко Филипче преку конструкции, лаги и манипулации се обидуваат да ја сокријат вината и неспособноста на нивните кадри за состојбата со водата во Гостивар, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму тврдат оти опозицијата покажува елементарно непознавање за тоа како функционира системот и кој за што е надлежен, барајќи одговорност на сосема погрешна адреса.
„Фактите се јасни. Контролата на квалитетот на водата е во надлежност на локалните институции. Во Гостивар локалната власт ја предводат кадри поддржани од СДС, ДУИ и Арбен Таравари. Градоначалникот Валбон Лимани е нивен избор и нивна политичка одговорност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо да дадат одговор кој потфрлил таму каде што тие ја имаат власта, власта обвинува дека СДСМ секојдневно пласира невистини за да ја дефокусира јавноста и како што велат, додека надлежните институции и службите работат деноноќно за целосно надминување на кризата со водоснабдувањето, опозицијата продолжува со старата пракса на политиканство и обиди за собирање евтини политички поени врз грбот на граѓаните.
„Затоа, ако навистина бараат одговорност, нека почнат од сопствените редови. Наместо прес-конференции со обвинувања, нека им објаснат на граѓаните што направиле и зошто дошло до оваа состојба“,
се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти веќе е обезбедена технички исправна вода која може да се користи за лична и домашна хигиена, додека според проценките на надлежните служби, во најбрз можен рок се очекува Гостивар повторно да добие и безбедна вода за пиење.
