„Кога жената му кажала дека нема од каде да му даде пари, тој почнал агресивно да ја обвинува дека не успеала да му пружи достоен живот и во еден момент почнал да ја удира со тупаници по главата и телото. Потоа ја тресел и ја кубел за коса, па ѝ се заканил дека ако не му обезбеди одредена сума пари, секој ден ќе ја тепа“, објаснуваат од Обвинителството
Основното јавно обвинителство Скопје покрена истрага и предложи притвор против 34-годишен скопјанец поради телесна повреда извршена врз сопствената мајка. Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека насилството почнало кога осомничениот барал пари од својата мајка вечерта на 25 јули.

„Кога таа му кажала дека нема од каде да му даде, почнал агресивно да ја обвинува дека не успеала да му пружи достоен живот и во еден момент почнал да ја удира со тупаници по главата и телото. Потоа ја тресел и ја кубел за коса, па ѝ се заканил дека ако не му обезбеди одредена сума пари, секој ден ќе ја тепа и нема да престанува“,
велат од ОЈО Скопје.
Од Обвинителството велат дека 34-годишникот и претходно бил осудуван за слично кривично дело, а поради ризикот од повторување на делото, се бара да му биде определен притвор.
Освен за овој, Обвинителството покрена истрага и против 24-годишникот од Петровец кој со возило преку прозорец ја влечел својата мајка. Според наводите на ОЈО Скопје, осомничениот ја повлекол мајка си за рака, влегол на возачкото седиште од автомобилот, ја затворил вратата и почнал да вози. Раката на жената оснатала приклештена со вратата, при што не можела да се извлече и трчала по возилото додека осомничениот не ја отфрлил. За 24-годишникот се бараат мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за приближување односно воспоставување контакти со неговата мајка.
