Според неа, доаѓањето на групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите, како што рече, провладини медиуми од Србија, е дел од планот за целосна контрола врз информирањето, а за кој од СДСМ постојано предупредувале
Медиумскиот мрак во Македонија започнува токму онака како што предупредувавме – српски медиумски играчи влегуваат на македонскиот медиумски пазар, кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција. Според неа, доаѓањето на групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите , како што рече, провладини медиуми од Србија, е дел од планот за целосна контрола врз информирањето, а за кој од СДСМ постојано предупредувале.
„Политиката ја спроведува Христијан Мицкоски – по моделот на Александар Вучиќ. Сè е copy-paste. За пропагандната мрежа е ангажиран познатиот ‘началник’ за пропагандни медиумски операции по моделот на Гебелс – Драган Павловиќ-Латас, долгогодишен соработник на српската служба. Според објавените информации, медиумот ‘Евроњуз’, кој доаѓа со лиценца од Србија, треба да биде предводен од Ивона Талевска, долгогодишен партнер на Латас. Тандемот Латас – Ивона Талевска е задолжен да го изгаси медиумското светло во име и за сметка на Мицкоски“,
кажа Кузеска.
Според Кузеска, целта е јасна – целосна контрола врз информациите што ќе стигнуваат до граѓаните.
„По веќе воспоставената медиумска мрежа на над 40 % од Орбановите медиуми, која работи во интерес на организираната криминална група ВМРО, сега следува уште поголема концентрација на медиумско влијание. Финансиската поддршка на овој проект ја дава ‘Алта банка’ – банка во сопственост на браќата Вучиќ. За оваа банка во ЕУ се води истрага поради сомнежи за потеклото на парите. Во Македонија, извршниот и управниот одбор на банката го сочинуваат луѓе од ВМРО“,
посочи Кузеска.

Кога ќе се комплетира оваа мрежа, како што рече таа, граѓаните повеќе нема ниту да слушнат дека им е отруена водата за пиење.
„Нема да слушнат дека црвените светла доцна се запалиле. Нема да слушнат дека никој не презел одговорност за труење на цел град. Тоа е целта. Мицкоски ги окупира институциите. Сега сака да ги окупира медиумите. Сака да ја окупира и вистината. Мицкоски повеќе не се грижи за извештаите на Европската комисија, затоа што не сака Европска унија. Прво од Европскиот парламент беше нагласено мешањето на ‘српскиот свет’. Потоа притисокот на Мицкоски врз правосудството. Сега следува контрола на медиумите.Тоа е целта на Мицкоски и организираната криминална група ВМРО. Прво се трујат граѓаните. Потоа се труе информацијата. На крај – целосен мрак“
додаде Кузеска.
