Претходно, на 23 јули, Центарот за јавно здравје-Прилеп соопшти дека водата од градскиот водовод на Крушево не треба да се користи за пиење бидејќи е бактериолошки неисправна

Случајот со водата во Крушево е неспоредлив со она што се случи во Гостивар, кажа денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој вели дека во својство на раководител на Главниот штаб за управување со кризи зборувал со градоначалникот на Крушево и добил информација дека таму, поради прекин на струја, најмногу еден час не работел хлорниот инструмент, односно немало хлорирање на водата.
„Затоа случајот во Крушево ни од далеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, тој уред што внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам состојбата таму веќе да биде целосно стабилизирана. Сепак, повеќе информации треба да се побараат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме ниту појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаи“,
кажа Ангелов.
Претходно, на 23 јули, Центарот за јавно здравје-Прилеп соопшти дека водата од градскиот водовод на Крушево не треба да се користи за пиење бидејќи е бактериолошки неисправна. Препораките, наведоа оттаму, ќе важат сè до добивање три последователни исправни примероци на водата, за што дополнително ќе известат.
Известувањето на Центарот за јавно здравје-Прилеп го пренесе крушевското Јавното комунално претпријатија „Комуна“, од каде што исто така препорачаа жителите на градот да користат пакувана вода, додека онаа од градскиот водовод може да се користи како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење садови само после превривање од минимум 10 минути.
Од ЈП „Комуна“-Крушево, во соопштението рекоа и дека се врши редовно хлорирање на водата и секојдневно се врши контрола на присуството на хлор.
