Опозициската партија го обвини лидерот на ЗНАМ за корупција, тврдејќи дека движењето е креација на премиерот Мицкоски кое веќе се распаѓа поради масовно напуштање на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагираше на изјавата на претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски од денешната средба со граѓани во Струмица, во која тој порача дека е завршено времето на политичари кои се натпреваруваат за ексклузивни летувања.

Од опозициската партија велат оти се согласни дека навистина е дојдено време за отчет, но посочуваат дека тоа е времето кога граѓаните ќе му ја испорачаат сметката на Димитриевски за предавството кон партијата и кон самите гласачи, како и за скандалите поврзани со Пошта и сомнителните тендери преку кои се краде народниот буџет.
„Доста го крадевте буџетот на граѓаните на Македонија. ЗНАМ е здружение што го создаде и го финансираше Мицкоски. Сега ве финансира преку тендери. Ви го плаќаше уделот во тендер-коалицијата. Тоа здружение, ЗНАМ, повеќе не постои. Не постои во анкетите. Не постои кај граѓаните“,
реагираат од СДСМ.
Од СДСМ велат дека во партијата се останати само Димитриевски и Минчев, додека малкумината останати членови се присутни само привремено, колку да си го наплатат своето политичко предавство и оти наближува времето на вистината и правдата, кога раководството на ЗНАМ, соочено со сметката од граѓаните, ќе мора да одговара за сторениот криминал и корупција.
