Скопје и целата држава повторно се разоруваат, но овојпат не од природна, туку од системска непогода предизвикана од погрешни политики и отсуство на визија, напиша лидерот на опозициската СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалните мрежи оддаде почит на жртвите, потсетувајќи на изгубените човечки животи и илјадниците семејства кои останаа без своите домови во разорниот земјотрес кој се случи во Скопје на денешен ден пред 63 години. Тој напиша оти градот успеал да се издигне од рушевините благодарение на пожртвуваноста на граѓаните и светската помош, со што станал глобален симбол на солидарност, заедништво и надеж.
Но, од денешна перспектива, тој вели оти Скопје и целата држава повторно се разоруваат, но овојпат не од природна, туку од системска непогода предизвикана од погрешни политики и отсуство на визија. Според него, градот кој некогаш бил пример за напредок, денес е претворен во симбол на запоставеност, хаос и изгубени можности.
„Централната и локалната власт на ВМРО единствено покажуваат солидарност кога станува збор за партиски и криминални интереси, додека општеството тоне во институционален хаос, сиромаштија и безнадежност“,
напиша тој.
Лидерот на СДСМ вели оти 26 јули засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија како потсетник дека најголемата сила на Скопје се токму неговите граѓани и кажа дека сите имаат заедничка должност да го чуваат и развиваат градот со љубов и одговорност и да не дозволат тој понатаму да биде уништуван од неспособноста, негрижата и корупцијата на властите.
