Премиерот ги појасни трговските односи по изјавите од соседството, нагласувајќи дека иако земјава не е на листата за нови царини, сепак подлежи на универзалниот американски трговски додаток од 10 проценти
Македонија не е на листата на држави кон кои Соединетите Американски Држави воведоа дополнителни царински давачки, но тоа никако не значи дека земјава тргува со американскиот пазар без царини, рече премиерот Христијан Мицкоски при увидот на градежните активности на клучката Момин Поток, коментирајќи ги актуелните информации за американскиот царински режим, по изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека царините кон САД за Србија изнесуваат нула долари.

Премиерот нагласи дека е потребно суштинско појаснување на целиот процес за да не се создава погрешна слика во јавноста.
„Инаку и ние сме во групата на држави кои што не добија дополнителни царини, но тоа не значи дека тргуваме со САД без царини. Мислам, сакам тоа да биде јасно. Во април 2025 година се воведоа оние први царински тарифи. Во таа група ние како држава бевме со 33 проценти тарифи, а до тогаш имавме тарифи кои беа во согласност со Светската трговска организација, исто како што и Србија, исто како и сите други земји во светот“,
рече Мицкоски.
Премиерот кажа оти по интензивни преговори предводени од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во координација со американскиот трговски оддел, во август истата година царините биле намалени на 15 проценти, а овој режим траел до февруари 2026 година, кога Врховниот суд на САД целосно ги укинал овие царини, но веднаш потоа бил воведен универзален трговски додаток од 10 проценти кој важи за сите земји во светот.
„Не сме ние во таа група од 60 држави со дополнителни обврски, но тоа не значи дека немаме царини и дека ни Србија нема царини. Има и Србија, исто како и тие држави кои што не се на тој список од 60 земји“
изјави премиерот.
Премиерот порача дека Владата високо ја цени соработката со САД и очекува таа да продолжи да се развива во духот на вистинско стратешко партнерство и кажа оти власта не прави естрада од овие процеси, туку води нормална и одговорна политика која треба да функционира исклучиво на таков начин.
