Од СДСМ велат дека со 4000 заболени граѓани состојбата е алармантна, а никој од власта не презема одговорност. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Социјалдемократскиот сојуз ја користи кризата за собирање политички поени и реагираат зошто СДСМ не го повикува на одговорност гостиварскиот градоначалник
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ повторно испратија пораки со меѓусебни обвинувања кој е виновен за епидемијата по труењето со загадената вода во Гостивар. Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека со 4000 заболени граѓани состојбата е алармантна, а никој од власта не презема одговорност.
„Додека граѓаните стојат во редови за флаширана вода и полнат болнички ходници, ВМРО-ОКГ се занимава со обвинувања за паника. Реалноста е јасна – илјадници заболени. Вода што не смее да се користи ниту за миење. А тие сè уште зборуваат за „дезинформации“. Граѓаните во Гостивар не паничат. Тие се разболеа затоа што ’црвените светла’ на Мицкоски и Клековски се вклучија предоцна“,
велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека опозицискиот СДСМ одлучил, како што велат, кризата во Гостивар да ја претвори во „игранка“ за да си собере некој поен плус. Во соопштение од владејaчката партија посочуваат дека гостиварци секојдневно добиваат 60 тони вода од страна на владината СОЗР, како и дека веќе има приведени за случајот.
„Никако од СДС да слушнеме да побараат одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, кој не се чувствувал виновен за тоа што здрацвјето на граѓаните е загрозено. Веројатно од СДС се подготвени да измислат се и сешто, освен да го направат вистинскиот чекор и да побараат одговорност, и подготвени се на секое решение да му најдат проблем“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
