Дадов јасна насока на сите скопски општини кои имаат градежна инспекција и инспектори за домување, а ние со останатите наши инспекторски служби, како комуналната инспекција и сите останати во Градот Скопје, ќе помогнеме да се направат строги контроли, најпрво на позициите каде што имавме аномалии од ваков тип, рече Ѓорѓиевски
Потребни се строги контроли и инспекции за да не се повтори сликата од невремето кога граѓаните беа сведоци на откорнати кровни конструкции, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител. Тој посочи дека Град Скопје нема градежна инспекција и дека прашањето е дискутирано повеќе пати со ресорните министри, но дадени се, како што рече, насоки до локалната власт.
„Дадов јасна насока на сите скопски општини кои имаат градежна инспекција и инспектори за домување, а ние со останатите наши инспекторски служби, како комуналната инспекција и сите останати во Градот Скопје, ќе помогнеме да се направат строги контроли, најпрво на позициите каде што имавме аномалии од ваков тип“,
кажа Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека општините немаат доволно ресурси, па одговорноста, како што рече, треба да биде повеќе на операторите кои ги водат куќните совети во станбените згради.
„Треба да имаат одговорност и редовни контроли на она што го одржуваат, она што спаѓа под одржување, но треба и општините да имаат регистар во којшто ќе имаат увид. Не може општината со инспекцијата и ресурсите кои ги има, сите кровови да ги провери. Треба тоа да го спроведе компанија ангажирана од куќните совети за одржување на зградата, којашто ќе гарантира со записник дека направила контрола на неколку месеци и дека се е во ред со кровот. За да не се случуваат појави во кои сите се изземаат од одговорност“,
додаде Ѓорѓиевски.

Фото: Принтскрин
Тој потсети дека општините даваат субвенции за фасади и кровови, а истакна и дека при невремето имало бројни штети и на стари објекти градени пред десетици години.
„Не станува збор секаде за една монолитна сосотојба или за згради градени во последните пет, десет, дваесет години. Имаше кровови на згради кои се граделе пред 50-60 години, не биле променети и таков тип на кровои беа излетани“
додаде Ѓорѓиевски.
Во однос на обештетувањето градоначалникот посочи дека секој граѓанин треба да ги пријави штетите од невремето првично во својата општина и МВР.
„Потребно е ние само да ги направиме комисиите, да бидат формирани на ниво на општините, секако помагаме како Град Скопје со човечки ресурси, во комисиите кои што ќе направат проценка на терен и веднаш после тоа тие записници ќе одат во Владата, каде што на седница ќе се обештетуваат граѓаните согласно закон и воспоставена пракса. Мислам дека во вакви околности, кои не се чести за среќа, треба да бидеме на ваков начин организизрани, да има кохезија за да не бидат оставени граѓаните сами на себе како што паметиме случаи“,
кажа скопскиот градоначалник.
Во невремето кое го зафати главниот град на 21 јули, повеќе скопски општини ги активираа кризните штабови и мобилизираа служби за заштита и спасување.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните кои претрпеле материјални штети во разорното невреме во вторникот – да ги пријават до општинските комисии, за потоа да може да бидат обесштетени.
„Општините и институциите под општините формираа комисии. Граѓаните што имаат штета треба да ја пријават кај општинските комисии. Тие ќе направат проценка и веднаш во комитетот за проценка на штети ќе ги достават до владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме тие кои ќе пријават штета“,
кажа Мицкоски.
Во невремето бројни штети претрпеа и објекти од витално значење, а според експертите кои ги консултираше „360 степени“, примарни причини се неквалитетната градба и неконтролираната урбанизација. Универзитетскиот професор и поранешен декан на Градежниот факултет, Горан Марковски посочи дека второстепен, но очигледен проблем при секоја временска нестабилност се непрописно уредените градилишта.
