Во Шпанија, од почетокот на годината досега, изгореле околу 1 300 квадратни километри земјиште, што е четирипати повеќе во споредба со истиот период минатата година
Во меѓувреме, во Југозападна Франција, продолжуваат масовните евакуации поради големите пожари. Земјата побара активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, по што се очекува дополнителна помош, меѓу која и два противпожарни авиони од Хрватска, два „ертрактори“ од Португалија и два хеликоптери „блек хок“ од Чешка и Словачка
Шпанската влада денеска прогласи национална вонредна состојба поради големите шумски пожари кои принудија евакуација на околу 10 000 жители во централниот дел на земјата, пренесуваат светските медиуми.

Со прогласувањето на вонредната состојба, Министерството за внатрешни работи на Шпанија ја презеде координацијата и контролата врз гаснењето на пожарите во погодените региони, додека земјата се соочува со повеќе активни жаришта поттикнати од силниот топлотен бран.
Регионалната влада на Мадрид соопшти дека околу 10 000 лица биле евакуирани од неколку населени места откако пожарите доцна синоќа излегле од контрола.
Во Шпанија, од почетокот на годината досега, изгореле околу 1 300 квадратни километри земјиште, што е четирипати повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Al menos 10.000 evacuados por el incendio en San Martín de Valdeiglesias, Villa del Prado y Pelayos de la Presa pic.twitter.com/3cttCPi4Ca
— expansioncom (@expansioncom) July 24, 2026
Меѓу најголемите пожари е оној во покраината Гвадалахара, северно од Мадрид, кој во изминатите денови уништил околу 320 квадратни километри територија. Претходно овој месец 13 лица загинаа во шумски пожар во јужниот дел на Шпанија, кој се смета за најсмртоносен во поновата историја на земјата.
Шпанскиот премиер Педро Санчез повика на политичко единство во борбата против климатските промени оценувајќи дека заедничките напори се неопходни за справување со последиците од сè почестите екстремни временски услови.
Во делови од Југоисточна Шпанија се очекуваат температури над 39 Целзиусови степени, а на места максималните вредности би можеле да достигнат и 44 степени.
Пожарите во Франција принудија околу 40 000 луѓе да ги напуштат домовите
Во меѓувреме, во Југозападна Франција, продолжуваат масовните евакуации поради големите пожари. Властите проценуваат дека околу 40 000 жители во последните два дена морале да ги напуштат своите домови.
Пожарот кој избувна во средата во близина на туристичкиот полуостров Кап Фера досега опфатил повеќе од 87 квадратни километри, а дел од жителите биле спасувани со чамци.
Франција побара активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, по што се очекува дополнителна помош, меѓу која и два противпожарни авиони од Хрватска, два „ертрактори“ од Португалија и два хеликоптери „блек хок“ од Чешка и Словачка.
Lucha sin cuartel contra las llamas en San Martín de Valdeiglesias, con afectación a Pelayos de la Presa 🛡️🔥
— UME (@UMEgob) July 23, 2026
Los equipos de la #UME pelean casa por casa en una defensa de interfaz urbano-forestal trabajando sin descanso para proteger a la población y las viviendas.… pic.twitter.com/x8wlu84NGn
Ова лето Европа се соочува со серија големи шумски пожари, а според Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската Унија, континентот се загрева побрзо од кој било друг регион во светот.
Научниците предупредуваат дека климатските промени придонесуваат за почести и поинтензивни топлотни бранови и сушни периоди, особено во Јужна и Југоисточна Европа, што дополнително го зголемува ризикот од големи пожари.
