Два „ертрактори“ и две теренски возила „пинцгауер“ обезбедуваат воздушна и копнена поддршка на пожарникарите од скопската противпожарна бригада

Голем пожар гори на падините над селото Копаница, во општина Сарај, кој и вечерва претставува сериозен предизвик за противпожарните служби, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
На терен се ангажирани два „ер трактори“ и две теренски возила „пинцгауер“, кои обезбедуваат воздушна и копнена поддршка на пожарникарите од скопската противпожарна бригада во справувањето со огнената стихија.
Пожарникарите и тимовите на ДЗС, велат оттаму, координирано работат на локализирање на пожарот и спречување на неговото ширење кон околните населени места.
Апелот до граѓаните е да не се движат во близина на зафатеното подрачје, да ги почитуваат насоките на надлежните служби и веднаш да пријават доколку забележат нови жаришта или сомнителни активности што би можеле да предизвикаат пожар.
