Повикувајќи се на извештај од „свиркачи“, Филипче кажа дека има податоци кои покажуваат дека и водата во Специјализираната болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок била загадена
Случајот во Гостивар не е изолиран случај, станува збор за системски слабости и неефикасност, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој на денешната прес-конференција кажа дека има сознанија оти и на други места низ државата има проблеми со водата, а институциите не реагираат. Повикувајќи се на извештај од „свиркачи“, Филипче изјави дека водата во Специјализираната болница за белодробни заболувања и туберкулоза во Лешок била загадена.
„Никој не реагирал. Официјални документи од Центарпт за јавно здравје Тетово. Примерок од чешма од болницата во Лешок каде што се лечат луѓе – 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода за пиење. Па, добро, знаат ли овие луѓе што прават? Какво е ова менаџирање на институции, што е целта – да се загрози здравјето на сите луѓе во државата?“
рече Филипче.
Филипче побара итен вонреден надзор и анализи на сите водоснабдувачки системи во државата.
„И јавно да се објават резултатите од физичките анализи, матност, мирис итн., од хемиските анализи, нитрати, нитрити и амонијак, микробиолошки анализи и хлорирањето“
додаде Филипче.

Филипче апелира испитувањата да се направат веднаш и побара оставки, како и кривична одговорност од првите луѓе на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и од Обвинителството., поради тоа што го ставиле во ризик здравјето на граѓаните.
Претседателот на СДСМ на прес-конференцијата оцени дека здравството е во колапс посочувајќи дека голем број од операционите сали не функционираат, несоодветен кадар управува со највисоките здравствени институции, а не се зголемени ниту платите на здравствените работници.
