Недостатоците во регулативата, недоволните човечки ресурси и недоволно преземените активности (фискален напор), го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, заклучуваат ревизорите
Општините не успеале да наплатат 47,7 милиони евра од локални даноци, такси и надоместоци во периодот од 2020-2024 година, открива Државниот завод за ревизија. По спроведената ревизија на успешност , констатирано е и дека опшштините направиле отпис на 3,8 милиони евра. Најголем дел од ненаплатените средства се од данок на имот – 1,73 милијарди денари, од кои 67 проценти се постари од пет години, што, според ревизорите, укажува на слаб фискален напор.
Недостатоците во регулативата, недоволни човечки ресурси и недоволно преземени активности (фискален напор), го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, заклучуваат ревизорите.
„Со опфатот и доказите кои ги обезбедивме по пат на примена на ревизорската методологија и техники, стекнавме разумно уверување дека мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС (единиците на локалната самоуправа) не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“,
велат од ДЗР.
Ревизорите оценуваат и дека ниту државните институции, ниту општините не создале систем што ќе обезбеди навремена и целосна наплата на локалните приходи. Законските решенија имаат бројни празнини, не постои обврска регистрите на недвижности автоматски да се ажурираат, не е јасно регулирана доставата на даночните решенија, а методологијата за пресметка на вредноста на имотот е застарена и не ја следи реалната состојба на пазарот.
Ревизијата покажала и дека само три комунални такси (фирма, односно назив на деловна просторија, користење на простор пред деловен простор и користење на плоштади и друг простор во градовите и другите населени места) се администрираат и наплатуваат во над 50% од општините, додека останатите 5 комунални такси се администрираат и наплаќаат во помалку од 25% од општините.

„Отсуството на јасно утврдени критериуми за одобрување и плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на рати, различната пракса во обезбедувањето на побарувањата (банкарска гаранција и изјава на нотар) и нецелосното следење на наплатата, во 14 општини акумулирале ненаплатени побарувања во висина од 826.399 илјади денари, за периодот 2020-2024 година“,
посочуваат ревизорите.
Со извршената анализа на податоците за остварените приходи по основ на даноци, такси и надоместоци утврдено е дека генерално руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево се со послаб фискален капацитет во однос на урбаните општини.

На врвот на листата се Град Скопје, Карпош, Чаир, Аеродром и Кавадарци, а со најслаб фискален капацитет се општините Зрновци, Новаци, Лозово, Кратово и Желино.
„Дополнително, несоодветно воспоставениот надзор на централно и локално ниво, со само еден инспектор од страна на Управата за јавни приходи и само 16 даночни инспектори во сите општини, кои вршат проверка дали обврзниците ја пријавиле својата обврска за данок или комунална такса, а немаат надлежност да изрекуваат глоби, не е ефикасен“
наведува ДЗР.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки велат од ДЗР, со цел како што велат, преземање мерки и активности од страна на надлежните институции, за создавање услови што ќе придонесат кон подобрување на севкупниот процес на администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци.
