На состанокот е договорено и општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени контроли на објектите со оштетени кровни конструкции, со цел да се утврдат причините за настанатите оштетувања
Според него, сите расположливи капацитети се ставени во функција за справување со последиците од невремето, додавајќи дека Град Скопје располага и со солидарен фонд од кој ќе се обезбедува обештетување на граѓаните во вакви ситуации
Скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје денеска одржаа координативен состанок на кој ги сумираа штетите и последиците од силното невреме што вчера попладне го зафати главниот град.

Како што информира скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук-профил по одржаниот состанок, општините ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријавуваат штетите предизвикани од невремето.
„Во координација со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, кој веќе прогласи кризна состојба, ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што согласно законската регулатива и воспоставената пракса ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санација на оштетените станбени објекти“,
вели тој.

На состанокот е договорено и општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени контроли на објектите со оштетени кровни конструкции, со цел да се утврдат причините за настанатите оштетувања.
„Ќе се проверуваат сите позиции и објекти каде има оштетени кровни конструкции, имајќи в предив дека нивното одржување е обврска на куќните совети“,
посочува Ѓорѓиевски.
Според него, сите расположливи капацитети се ставени во функција за справување со последиците од невремето, додавајќи дека Град Скопје располага и со солидарен фонд од кој ќе се обезбедува обештетување на граѓаните во вакви ситуации.
Им се заблагодари на екипите на јавните претпријатија и на Противпожарната бригада на Град Скопје за брзата реакција, нагласувајќи дека веднаш по невремето се расчистени главните сообраќајници, а во текот на ноќта продолжило отстранувањето на паднатите дрвја, гранки и расчистувањето на тротоарите.
Посочи дека вчерашното невреме, проследено со оркански ветер со удари до 130 километри на час, предизвикало паднати дрвја и гранки, оштетени возила, покриви, фасади, електрични водови, урбана опрема и приватен имот.
„Вчера беше исклучително тежок ден за Скопје. Станува збор за временска непогода од размери какви што градот не памети со децении. Денеска ги сумираме штетите и последиците, по што повторно се упатуваме на терен“,
кажа градоначалникот.
Активностите на терен, како што рече, ќе продолжат се додека не бидат санирани последиците и не се обезбеди целосна безбедност за граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека штетите предизвикани од вчерашното силно невреме ќе бидат утврдени и, согласно законските процедури и досегашната практика, ќе бидат надоместени од страна на надлежните институции.
Посочи дека Владата располага со сите потребни механизми за поддршка на граѓаните.
