„Начинот на кој институциите постапувале, односно евентуално не постапувале, отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните, што треба да биде предмет на темелна и независна истрага“, се наведува во соопштението на групата невладини организации
Според Блупринт групата, особено сериозни прашања се отвораат и во однос на функционирање на системот за контрола на квалитетот на водата за пиење
Загадувањето на водата во градскиот водовод во Гостивар не е само изолиран инцидент, туку сериозен индикатор за можни системски слабости, оценуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Својот став оттаму го изнесоа преку писмено соопштение, во кое остро реагираат за случувањата во врска со водата за пиење во Гостивар, што резултира со забрана за користење на водата од градскиот водовод, прогласување епидемија, а вчера (21 јули) и со одлука на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на општината.
Од Блупринт групата се осврнуваат дилемите што се отворија во јавноста околу постапувањето на надлежните институции во случајот, што според нив отвора сериозни прашања за институционалната одговорност.
„Начинот на кој институциите постапувале, односно евентуално не постапувале, отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните, што треба да биде предмет на темелна и независна истрага“,
се вели во соопштението.
Според групата невладини организации, неопходно е да се утврди дали надлежните органи имале или требало да имаат сознанија за потенцијалното загадување и за ризиците по здравјето на населението, но не презеле соодветни и навремени активности за нивно спречување или ограничување. Доколку се утврди станува збор за непостапување, тоа, велат од Блупринт групата, не може да се третира како обичен пропуст, туку како сериозно нарушување на обврската на институциите да постапуваат со должно внимание, согласно принципите на законитост, одговорност и заштита на јавниот интерес.
Во таа насока, оттаму сметаат дека е неопходно надлежното основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага, во која целосно ќе биде утврдена кривичната и евентуалната институционална одговорност на сите лица кои придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните во Гостивар.
„Истрагата не смее да се ограничи само на утврдување кој ја поставил незаконската инсталација, туку мора да ги опфати и сите околности поврзани со функционирањето на системот за мониторинг, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и евентуалната одговорност на службените лица кои биле задолжени за контрола на квалитетот на водата“,
наведуваат од Блупринт групата во соопштението.

Според групата, особено сериозни прашања се отвораат и во однос на функционирање на системот за контрола на квалитетот на водата за пиење.
„Според достапните информации во медиумите, се добива впечаток дека надлежните институции затаиле во исполнувањето на законските обврски и со тоа дозволиле епидемијата и понатаму да се шири без да водат сметка за последиците кои можат да произлезат по здравјето на граѓаните на Гостивар“,
велат од групата невладини организации.
Оттаму додаваат дека досега ниту Владата ниту надлежните здравствени институции не обезбедиле јасни и целосни информации за времетраењето на ограничувањата за користење на водата, критериумите за нивно укинување и временската рамка за нормализирање на состојбата.
„Во услови на директен ризик по јавното здравје, граѓаните имаат право навремено да знаат не само што се случило, туку и кои мерки се преземаат, кои ризици постојат и што можат да очекуваат во наредниот период. Очекуваме надлежните институции навремено и целосно да ја информираат јавноста за сите релевантни факти како и надлежните здравствени институции да излезат со јасни препораки и насоки како граѓаните да постапуваат во услови на прогласена епидемија и кризна состојба“’,
велат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
Овој случај, порачуваат оттаму, мора да резултира со јасно утврдена одговорност и конкретни системски мерки кои би спречиле вакви ситуации во иднина. Доколку тоа не биде направено, случајот со водата во Гостивар, велат од групата, ќе биде уште еден пример за ненавремено преземање дејствија од страна на институциите, а на штета на јавното здравје и довербата во владеењето на правото.
Инаку, Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институтот за човекови права (ИЧП), Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
