Индиската претседателка рече дека оваа биста претставува долготраен симбол на пријателството меѓу Индија и Македонија и на заедничка обврска за мир, толеранција и хуманост

Во Музејот на Град Скопје денеска е откриена спомен-биста на Махатма Ганди.
Спомен бистата е откриена во време кога во посета на земјава е индиската претседателка Друпади Мурму која денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на церемонијата во Музејот на град Скопје.
„Махатма Ганди припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство“,
рече Мурму.
Нагласи дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.
„Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја почувствуваат пораката на Ганди. Нека ги инспирира да ја отфрлат омразата, разликите да ги решаваат на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија“,
истакна индиската претседателка.
Таа додаде дека оваа биста претставува долготраен симбол на пријателството меѓу Индија и Македонија и на заедничка обврска за мир, толеранција и хуманост.
Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека најважното наследство што го оставил Ганди е идејата за ненасилно самоопределување како право на луѓето да одлучат за нивната судбина и иднина, но исто така и слобода да ги организира животите во согласност со нивната сопствена волја.
„Оваа желба за слобода е вековен идеал на индискиот, но и на македонскиот народ“,
рече Сиљановска-Давкова.
Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека со откривањето на оваа биста, оддаваме почит на човек чие име е симбол на мирот, ненасилството, слободата и моралната храброст.
„Овој чин има особено силна симболика токму овде во Скопје, градот во кој е родена Света Мајка Тереза. Иако Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, нивните животи ги поврзува една универзална порака: дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другиот се најголемата сила што човекот ја поседува“,
рече тој.
Поставувањето на споменикот на Ганди во јавниот простор, порача Ѓорѓиевски, претставува траен симбол на вредностите што ги обединуваат луѓето, а не на оние што ги разделуваат.
