Скопје се расчистува брзо, по силното невреме што го зафати попладнево, вели градоначалникот Орце Горѓиевски
Булеварите се проодни, а паднатите дрвја и гранки интензивно се расчистуваат, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по силното невреме што попладнево околу 17 часот го зафати главниот град.
Тој тврди дека екипи на јавните градски претпријатие веднаш излегле на терен, а уверува дека ќе останат „будни“ и во текот на ноќта.
„Скопје денес го зафати силно невреме со бурни налети на ветер. Природата не можеме да ја спречиме, но реагиравме брзо, организирано, навремено и одговорно. Екипите на градските јавни претпријатија веднаш излегоа на терен – булеварите се проодни, а паднатите дрвја и гранки интензивно се расчистуваат. Ќе бидеме будни и на терен во текот на целата ноќ. Скопје нема да остане само ниту во најтешките моменти!“,
вели Ѓорѓиевски.
Краткотрајниот, но силен ветер што попладнево го зафати Скопје, освен дожд, пред себе носеше и прашина и ситен отпад. Според некои медиуми, ветрот достигнал и до 90 километри на час, а на „112“, досега се примени над 8 300 повици.
Поради состојбата, повеќе скопски општини ги активираа своите кризни штабови и ги мобилизираа службите за заштита и спасување.
Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на дрвја и нестабилни објекти и навремено да ги пријавуваат сите опасности и штети до надлежните служби.
