Најкритичен е случајот со повозрасна жена што се здобила со повреда на главата по пад од дрво. Таа е пренесена на Ургентниот центар во Клиничкиот центар во Скопје. Другите лица се полесно повредени
Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ д-р Небојша Настов во изјава за МИА рече дека шест лица што се повредени од невремето се третираат амбулантски
Откако започна невремето во Скопје, телефоните на Итна медицинска помош почнаа почесто да ѕвонат. Медицински екипи веднаш се упатија на терен, интервенирајќи на повеќе локации низ градот.

Д-р Анита Димоска, раководителка на Итната медицинска помош во Скопје за „360 степени“ изјави дека откако почнало невремето добиле повеќе пријави за повредени граѓани на неколку локации низ градот.
Најкритичен, вели дека е случајот со повозрасна жена што се здобила со повреда на главата по пад од дрво. Таа е пренесена на Ургентниот центар во Клиничкиот центар во Скопје.
Другите лица, посочи дека се полесно повредени.
„Интервенираме кај петмина повредени што ги пренесовме во блиските болници. Една пациентка е однесена на Ургентен во Клиничкиот центар, додека другите четворица се згрижени на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“,
вели д-р Димоска.
Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ д-р Небојша Настов во изјава за МИА рече дека шест лица што се повредени од невремето се третираат амбулантски.
Пациентите, во главно, се со посекотини и набиеници, но се наоѓаат во стабилна состојба.
„Тројца од нив се пуштени на домашно лекување, а уште тројца се во фаза на испитување“,
кажа тој.
Еден од пациентите е повреден при пад на дрво и гранки, друг од лим што паднал од покрив, а трет од паднати керамиди.
Краткотрајниот, но силен ветер што попладнево го зафати Скопје, освен дожд, пред себе носеше и прашина и ситен отпад.
Според некои медиуми, ветрот достигнал и до 90 километри на час, а на „112“, штети пријавиле над илјада граѓани.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до петок, под влијание на серија на влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе биде променливо облачно и наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со силен ветер и изолирана појава на град.
Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса од север температурата значително ќе опадне.
