Дел од граѓаните велат дека ќе почекаат подолго време пред повторно да почнат да пијат вода од чешма, дури и ако надлежните ја прогласат водата за безбедна за пиење
Освен домаќинствата, страда и бизнисот. Печалбарите, кои значат шанса за раздвижување на локалната економија, го замениле Гостивар со Албанија или други дестинации, вели сопственик на угостителски објект
За некој кој ретко оди во Гостивар, градот функционира со вообичаен ритам. За некој кој знае како изгледа во лето, кога иселениците се вратени дома, Гостивар е празен град. Причината е веќе добро позната – течноста што истекува од водоводот не само што не е за пиење, туку не ги задоволува параметрите ниту за технички потреби.
Дел од граѓаните кои ги сретнавме низ центарот потврдуваат дека состојбата е лоша. Некои се снабдуваат со вода од пунктовите на Црвенот крст, но и тие и останатите трошат пари за флаширана вода за пиење.


Тоа, можеби, привремено го решава проблемот со недостаток на вода за пиење. Но, вода треба и за други основни потреби.
„Јас имав симптоми, жена ми имаше веќе три дена. Вода купуваме, овде донесоа од општината еднаш“,
рече гостиварчанец.
„Па ќе се реши проблемот, ама баш сега печалбарите бегат во Албанија. Немаат вода и си бегаат. Наместо да ги чекаме туристите да донесат некоја девиза овде, тие девизи отидоа во Албанија“,
вели друг граѓанин на Гостивар.
„Синоќа, од внука ми детето, повторно и се повтори болестата. 250 евра имаме дадено пари во дуќанчето за овие денови само за вода за пиење. Ни за бањање, ни за садови миење, ни за туширање. Ние два месеци немаме техничка вода за во ВЦ. Од бојлери, од машини, се е расипано. Одиме по сестри, по внуки во село што живеат да се бањаме. Дали тоа е нормално во 21 век“,
изјави гостиварчанка.
Освен домаќинствата, епидемијата која го зафати градот поради неисправната вода за пиење ги погодува и бизнисите, особено гастрономскиот сектор.





Кафулињата и рестораните се празни. Сопственикот на еден угостителски објект кој подготвува и храна, Арбен Фејзулахи, ни кажа дека денеска не продал ниту еден оброк и покрај тоа што обезбедил чиста вода и за готвење и за хигиена.
„Од денот кога беше објавено дека водата е несоодветна за консумирање, реакцијата кај клиентите е страв и паника. Се обидуваме да го управуваме ресторанот со купечка вода, ги уверуваме нашите клиенти дека консумираат безбедно кафе, но нивното уверување е дека водата е контаминирана и не е соодветна за пиење. Ова, исто така, многу ќе се одрази врз економијата на градот. Повеќе гости имаме наутро и за време на попладневната пауза, кога ручаат. Се обидувам да обезбедам свежа храна во текот на денот, но вчера не продавав ниту оброк, а истото се случи и денес“,
изјави Арбен Фејзулахи, сопственик на ресторан.
„На датум 20.7.2026 година на Инфективното одделение се прегледани 111 пациенти со повраќање, дијареја, повишена температура и изнемоштеност. На Одделението за педијатрија се прегледани 75 пациенти со истите симптоми, додека во Урегентниот центар се примени 12 пациенти. Значи, имаме намалување на бројот на пациенти.“
Тоа што бројот на пациенти се намалува е позитивна вест за градот. Но, не им значи многу на оние кои ги сретнавме пред болницата.
„Од 24 часа, 15 часа само спијам. Мораш да станеш само кога имаш потреба од ВЦ, стомакот кине. После инфузијата што ја примив вчера некои три часа бев добар, а сега пак исто. Синот ми дојде од Германија, они и се тушират со купена вода“,
рече гостиварец што чекаше пред инфективна.
„Не знаевме, кога дознавме веќе касно беше. Ме боли стомакот, желудникот, главата, се тресам“,
изјави повозрасна жена што излегуваше од гостиварската болница.
Попладнево, Владата прогласи кризна состојба. Со тоа, го презеде проблемот во Гостивар во свои раце, прогласувајќи ја локалната самоуправа за неспособна да се справи со него. На двапати баравме став од градоначалникот Ваљбон Лимани и пред и по ваквата владина одлука. Не добивме одговор.
Јавното обвинителство отвори истрага за загадувањето на водата, која доведе до епидемијата. Во притвор се директорката на локалното претпријатие „Комуналец“ и уште две лица.
