Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да одговори што криела Агенцијата за разузнавање за истрагата за случајот „Диво Насеље“ додека тој бил директор, побара денеска Јове Кекеновски од коалицијата „Никогаш Северна, само Македонија“.
„Договореното дозирано меѓусебно напаѓање излезе од контрола и јавноста овие денови ќе дознае уште многу монструозни нешта. И тоа е добро. Но, јавноста не смее да го остави Наќе Чулев и понатаму, веќе петти ден, да молчи за обвинувањата од сегашниот директор на Агенцијата за разузнавање дека додека бил директор на Агенцијата таа не била искрена со Јавното обвинителство во истрагата за ‘Диво Насеље’. Чулев е должен да одговори што тоа Агенцијата криела од обвинителството“,
рече Кекеновски.
Ова следува откако директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во неделното интервју на Радио слободна Европа рече дека констатирале неискреност кон Јавното обвинителство од страна на Агенцијата за истрагата за „Диво Насење“. Муслиу посочи дека добиле нови информации за случајот и дека како што рече, „не исчезнаа сите тајни со загинувањето на дел од водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај“.
Освен на овој случај, во својот говор, Кекеновски, презентирајќи ја изборната програма на Коалицијата, се осврна и на дел од нивните барања, како укинување на Законот за јавно обвинителство со кој сметаат дека се штитат сите оние што сега се на власт или ќе бидат во иднина, запленување на системите за прислушување, укинување на актуелниот Изборен законик и поништување на пописот од 2002 година.
Главен услов за коалиција со други партии, пак, им е поништување на Преспанскиот договор и Законот за јазиците.